МОЌТА НА ЗАРАТУСТРА

МОЌТА НА ЗАРАТУСТРА

Диригент:
Солист:
Александар Мелников

Л.В.Бетовен: Концерт за пијано и оркестар бр.1

Р. Штраус: Така говореше Заратустра

 

Концерт за пијано и оркестар бр. 1 – Л. В. Бетовен

Вториот лирски став „Ларго“ е врвот на Концертот за пијано и оркестар бр. 1 од германскиот музички гигант Лудвиг ван Бетовен (1770 – 1827). Првата изведба се случила во Виена (1795) со композиторот како солист и ова дело се вбројува во неговиот т.н. ран период на творештво. Ова дело, всушност, е негов Трет концерт за пијано, но Бетовен го повлекол неговиот Втор концерт од објавување за да направи одредени ревизии, вклучително и ново рондо, а во меѓувреме продолжил да работи на Првиот концерт. Уште на самиот почеток кога го слушаме (првиот став во сонатна форма со две теми), веднаш потсетува на естетиката присутна во делата на Моцарт, иако со појавата на оркестарот тој добива поинтригантен карактер и посебна моќна „обланда“. И иако во вториот став таа се разлева во подолги, повеќе романтични фрази, со драматиката на Бетовеновиот израз не се напушта чувството на строгост во мелодиката. Особено што на еден навидум лесен начин композиторот тежнее да ја прикаже виртуозноста на пијанистот и тоа се огледува најмногу во каденцата. Многу од делата на Бетовен го покажуваат очигледното негово влијание од Хајдн, кај кого тој учел кога првпат дошол во Виена, но овде Моцарт е појдовна точка и го демонстрира мајсторството за формата наследено токму од него. Затоа, Првиот концерт не се смета за некое иновативно дело. Она што вториот став го чини велелепен е гласно изразената, лирска мелодија која потсетува на молитва во длабоки, бавни движења со кои се добива медитативен лик. Овде кларинетот е на некој начин партнер со пијаното и токму тој дава доза на меланхолија. Духот на Бетовен го чувствуваме најмногу во третиот став Рондо, кој има танцувачки карактер, кога пијаното поседува комична тематика која се прелева низ целиот оркестар како своевидна мелодрама. Она што е карактеристично во Првиот концерт е одвоеноста на пијаното и оркестарот, за разлика од другите концерти на Бетовен каде што ги презентира како едно битие. Овде нема преплетување на дијалогот, туку одредена дистанца, како далечна почит помеѓу едниот и другиот. Тоа му наметнува на делото конзервативен пристап, но и тоа е типично за периодот на неговото создавање. Од друга страна, пак, се чувствува дека семето за музичка револуција уште овде е посеано, поради однапред дадените идеи што треба да ги содржи секоја музичка структура.

Така зборуваше Заратустра“ – Р. Штраус
Една од најпознатите филмски сцени на сите времиња, „сцената со мајмунот“, со која стартува почетокот на култниот научнофантастичен филм на Стенли Кјубрик „Одисеја 2001“, е „озвучена“ со почетокот на симфониската поема „Така зборуваше Заратустра“ на германскиот композитор Рихард Штраус (1864 – 1949). Во африканска пустина, мајмуните наидуваат на монолит. Во тој кадар се гледа како мајмунот од својата земјена перспектива, на врвот од монолитот, ги гледа сонцето и месечината заедно. Во овој кадар, Кјубрик ја поставува основата на целиот филм… Кој, всушност, не би ја знаел мелодијата на трубата која полека се издигнува и со секој такт станува сè погласна, за врвот да го достигне со ударите на тимпанот. Тоа е „Изгрејсонце“. Рихард Штраус со сугестивни тонови од т.н. природен мотив создава музичка интерпретација на истоимениот текст на германскиот филозоф Фридрих Ниче. Почетната тема е во Це-дур, кој го означува во овој дел космосот, универзумот, и тоа се три основни тонови C-G-C (тоника, доминанта, па тоника во октава) кои ја симболизираат човековата еволуција во три сфери – земја, сонце и месечина. „Изгрејсонце“ денес важи за еден од најгенијалните почетоци на некое дело во целокупната историја на музиката и, наедно, најпрепознатлив. Композиторот создал со оваа творба нова музика која повикува и на нова музичка ера во која, кога станува збор за техника на оркестрирање, го надминува сето она што дотогаш било замислено, вклучувајќи го и Вагнер. Инаку, делото на Ниче (1885) зборува за стариот шаман кој се спушта од својата планина меѓу народот со желба да научи нешто од луѓето и да им го подари своето знаење. Кога се спушта во селото, наидува на разни луѓе од кои ги дознава нивните тајни. Всушност, тој е во потрага по човек рамен на себеси, но многумина не ја разбираат неговата филозофија. По разговорот со нив, тој се прашува: „Зарем е можно луѓето сè уште да не знаат дека Бог е мртов?“ Заратустра е германска верзија на името на персискиот пророк Зороастра, основачот на зороастризмот кој силно влијаел на јудаизмот и потоа на христијанството, но Ниче покажува нов и поинаков Заратустра, кој традиционалниот морал го врти наопаку. Затоа и поемата на Штраус во филмот на Кјубрик не е случајно избрана, со оглед на тоа дека низ целиот филм се преиспитува човечкиот однос кон Бога. И понатаму, во целата музичка приказна на Штраус се провлекуваат многу прашања меѓу кои и тоа дали науката ќе даде утеха во разбирање на суштината на нештата. Суштината на филозофскиот аспект, поточно, ја наоѓаме во „Танцова песна“ (Das Tanzlied), во која во играта човекот го надвладува духот и во апотеозата на духот ослободител човекот станува надчовек. Темите на верата, науката, радоста, страста, природата постојано се присутни низ разните музички мотиви и сите во себе го имаат копнежот што се крие во бескрајот на вселената. До крајот на својот живот, Штраус бил убеден во својата големина како уметник, како и во тоа дека е последниот композитор на западната музичка традиција. Поради неговото одбивање на атоналната и дванаесеттонската музика, критиката остро го напаѓала, но тој одлучно продолжил да пишува во доцноромантичарски манир.

Следни настани