Едукацијата на најмладата публика е многу важна за нас, како институција, зошто на овој начин ја создаваме нашата идна публика, ги поттикнуваме децата да развијат интерес за музиката која ја изведуваме, која има поинаква звучна естетика од комерцијланата. Преку овие концерти регрутираме нова публика, потенцијални идни слушатели и почитувачи на класичната музика

Концертите за најмладата публика се важен сегмент од програмската политика на нашата институција. Овие концерти имаат прилагодена содржина, наменски креирана за најмладите, преку која на непосреден начин се едуцираат и се запознаваат со класичната музика. Концертите имаат различен концепт, замислени се како музички приказни кои преку текст и музика им ја доближуваат класичната музика на најмладите.

До сега на нашата сцена се реализирале повеќе концерти со различна музичка содржина и приказни наменети за најмладата публика.

Децата имаа you could check herehelpful site можност да го проследат концертот „Магичен глас“ – приказна за едно момче кое сака да стане оперски пејач и сонува сон во кој тој навистина пее оперски арии. Во сонот, се појавува добрата вештерка, која е всушност оперска пејачка, и се обидува да му го оствари сонот. Вештерката доаѓа на коњ, наместо на метла, ја бркаат здодевни бумбари, потоа ја носи звукот на трубите, за на крајот да се претвори во дрвена кукла…

Приказната е полна со хумор и изненадувања и музика соодветно избрана за најмладите слушатели, со дела од Копланд, Бернштајн, Римски-Корсаков, Моцарт, Мусоргски, Штраус, Росини.

„Сонот на играчките“ со дела од Дебиси, Григ, Понкиели, Моцарт, Бизе, Елгар е музичка приказна за две деца кои сонуваат да станат славни диригенти, а во остварување на сонот им помага волшебник. И овој концерт, во нарацијата, содржи многу хумор, како и едукативни елементи кои ќе им помогнат на децата преку смеа да се запознаат со класичната музика, инструментите, како и улогата на диригентот.

Еден од најпривлечните концерти за најмладите беше и „Со Дизни низ светот“ на кој публиката имаше можност да ужива во музиката од најубавите цртани филмови продуцирани од популарната компанија „Дизни“, меѓу кои и од„Кралот лав“, „Мулан“, „Фроузен“, „Покахонтас“, „Малата сирена“, „Убавицата и ѕверот“…

Мисија на нашата институција е преку класичната музика да ги поттикнеме најмладите да развијат и еколошка свест – таков беше концертот „Музичка екскурзија со Пакомак“. Концертот целосно беше посветен на екологијата, чистата природа, соживотот на растителниот и животинскиот свет…

Во контекст на музичката едукација, најмладите имаа можност да го проследат и концертот „Имате ли ритам?“ и директно да се запознаат со тајните на ритамот и неговата разновидност. На овој концерт децата имаа можност да слушнат композиции од класичната, но и од модерната музичка литература, во кои акцент е ставен токму на ритмичкиот импулс – дела од Смокварски, Калифе, Андерсон, Бернштајн, Штраус, Де Фаља. Концертот ќе ги донесе звуците и ритмите на Македонија, Либан, Куба, Шпанија…

Тематските концерти исто така се составен дел од репертоарот наменет за најмладите. Таков е концертот „Суперхерои“ на кој прозвучеа теми од познати авантуристички и научно-фантастични филмови. Децата ги слушаа ултрапопуларните музички парчиња од светските филмски хитови „Супермен“, „Спајдермен“, „Пиратите од Карибите“, „Индијана Џонс“, „Војна на ѕвездите“, „Џемс Бонд“, „Хари Потер“ и „E.T.“.

„Ну Погоди“ е уште еден концерт наменет за најмладите, но интересен и за возрасните. Станува збор за уникатен проект на кој се свират познати теми од култните цртани филмови, главно од од земјите од Источниот блок, кои го обележаа детството на генерациите од 1970-тите и 1980-тите години – „Балтазар“, „Ну Погоди“, „Как Казаки“, „Козле Бозле“, „Густав“, „Балтазар“, „Мечето Ушко“…, и тоа проследени со специјална видео-проекција, како и со спектакуларен светлосен дизајн.

Skip to content