Антони Вит

Добитникот на „Греми“ – маестро Антони Вит е еден од највлијателните полски диригенти и, воопшто, еден од најпочитуваните ликови на полската музичка сцена денес. Откако ја освоил престижната награда „Херберт вон Карајан“ на Интернационалниот натпревар по диригирање во 1971 година и бил асистент на славниот Карајан на Источниот фестивал во Салцбург, тој соработувал со сите водечки оркестри во Полска пред да ја заземе позицијата генерален и уметнички директор на Варшавската филхармонија во 2001 година. Бил и музички директор на Симфонискиот оркестар де Навара во Шпанија, а моментно е диригент-лауреат на Краков филхармонија во Полска. Во 2015 година го доби францускиот орден „Легија на честа“ за промоција на француската музика. Ужива славна интернационална кариера диригирајќи со видни оркестри во светот, како што се Берлинската филхармонија, оркесарот „Тонхале“ во Цирих, Националната академија на Санта Чечилија, Кралската филхармонија во Лондон, Би-Би-Си филхармонија, Кинеската филхармонија, Кливленд оркестар... Неговите настапи се снимени на повеќе од 200 аудиозаписи за реномирани издавачки куќи и за нив е добитник на бројни награди, меѓу кои и на престижната „Греми“ (2013) за изведбата на „Фонограми“, „Партита“ и Концерт за хорна од Пендерецки, како и шест номинации за неа, но и на награда од Фондацијата „Карол Шимановски“ за промоција на неговата музика за аудиозаписите за „Наксос“. Маестро Вит има голема заслуга за изведбата на речиси сите современи дела од големите полски композитори, како што се Лутославски, Пендерецки, Карловиц, Шимановски... Студирал на Музичката академија во Краков, а ги продолжил студиите кај почитуваната Надја Буланже во Париз. За современата музика, во едно интервју, ќе каже: „Изведбата на полската современа музика стана дневна работа за мене. Затоа што ја изведувам многу почесто од другите диригенти. Се чувствувам сигурен на ова поле, иако никогаш не го третирам тоа како професионална должност. Секогаш сум мислел дека тоа е мисија на Полскиот радиооркестар, да ја промовира полската музика на современиците и затоа оваа музика е мошне важна“. Еден од последните негови ангажмани е снимањето каталонска музика, како и дебито во Индија со Националниот симфониски оркестар.

Skip to content