Мерсиха Шукри

харфа

Соло-харфист на Македонската филхармонија. Своето високо образование го стекнува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Лејла Урманова (Русија) како прв дипломиран харфист во Македонија, а магистерски студии завршува во Белград, Србија, во класите на проф. Милица Бариќ и проф. Лилјана Несторовска.

Се усовшувала кај светски познати харфисти, меѓу кои:Catherine Michel, Elizabeth Binoche, Jana Boshkova, Anna Levina, Ion Ivan –Roncea, Monika Stadler, Susanna Mildonian, Patricia Tasini, Catrin Finch, Sirin Pancaroglu, Fabrice Pierre, Natalia Shamayeva, Mariele Nordman и Isabelle Moretti.

Како харфист има бројни солистички концерти на „Скопско лето“, „Хераклејски вечери“, „Денови на франкофонијата“, „Битолско лето“, „Есенски музички свечености“. Настапувала како солист со Мандолинскиот оркестар „Скопје“ и со гудачкиот ансамбл „Арко“. Концертирала и надвор од Македонија, во Србија, Словенија, Косово, Франција, Унгарија, Холандија, Израел, Хрватска и Турција.

Влезена е во Гинисовата книга на рекорди како дел од најголемиот и најдолг оркестар од харфи, на 10. светски конгрес одржан во Амстердам.

Има издаденоцеде – „Звуците на харфата“, кое е и прво издание со музика за соло-харфа во Македонија, а има аудио и видеоснимки за МРТВ.Член е на Светската асоцијација на харфисти и кореспондент за Македонија.

„Посебно сум горда што сум член на најстариот симфониски оркестар во Македонија. Од формирањето на Македонската филхармонија, огромна чест и привилегија е да се биде првиот македонски харфист кој работи во оваа институција. Ја сакам мојата работа, која постојано ме инспирира, радува и учи нови работи за музиката и комуникацијата со луѓето. Ја сакам енергијата на сцената која ја делам заедно со моите драги колеги, врвни солисти и диригенти. Ме исполнува хуманоста искажана преку моето свирење за ситедечиња со посебни потреби.

Љубопитна сум по природа, со авантуристички дух, сакам патувања, природа, спорт. Го сакам хуморот, но, исто така, и духовноста. Обожавам да готвам и најчесто го користам зачинот љубов. Им се радувам на сите мали нешта, на пријателите, на животот“.

Skip to content