Дејан Теодосиевски

заменик водач на виолончела

Основно и средно музичко образование завршува во Скопје, во МБУЦ „Илија Николовски-Луј“, каде што учи виолончело кај проф. Димче Стојановски. Потоа, во 1992 година се запишува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде што дипломира виолончело во класата на проф. Душка Тасеска во 1997 година. За време на школувањето, учествува на неколку семинари, меѓу кои и кај професорите Михаил Хомицер и Кирил Родин, како и на часови по виолончело кај професорите Иштван Варга и Анатоли Крстев. Исто така, за време на средношколските и факултетските денови е редовен учесник на Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија, со кој редовно настапува во земјата и во странство.

Од 1995 година, почнува да настапува како хонорарец виолончелист во оркестарот на Македонската филхармонија, каде што се вработува во 1999 година, а од 2019 година е на позицијата заменик-водач на групата виолончела. Во својата музичка кариера настапува како камерен музичар на повеќе концерти во државата, но и во странство. Основач е на гудачкиот квартет „Вива стрингс“ и е член на етносоставот „Баклава“, со кој често настапува на домашната сцена, но и во странство. Исто така, тој е и поранешен член на рок-групата „Дина“, како и на музичкиот состав „Стринг форсис“.Од формирањето е и редовен член на оркестарот за снимање филмска музика F.A.M.E.’S. од Скопје.Свири на виолончело изработено од Орце Илоски во 2019 година.

Најмногу сакам да го минувам времето со семејството, со ќерките Матеа и Калина, а сакам и да ги гледам на ТВ моите омилени спортисти Рони О’Саливен (снукер) и Новак Ѓоковиќ (тенис). Освен виолончелото, музички работам и како продуцент компонирајќи и аранжирајќи за мојот квартет, но и други видови музика“.

Skip to content