Фросина Богданоска

Фросина Богданоска е родена 1986 година во Велес, Македонија, во уметничко семејство, под чија закрила ги прави првите чекори и успеси со свирењето на виолина на возраст од три години. Во текот на школувањето, освојува бројни награди на натпревари за млади виолинисти, а воедно и повеќе пати настапува како солист со Филхармонија на РСМ, Младинскиот оркестар на Централно Европската Иницијатива ЦЕИ, како и други камерни ансамбли. Основното образование го почнува кај нејзината мајка Марија Богданоска, а го завршува кај проф. Сихана Бадивуку-Хоџа. Во 2001 се запишува на Националниот Музички Конзерваториум во Тулуз, Франција, во класата на проф. Благоја Димчевски, кај кого посетува и повеќе семинари. Дипломски и постдипломски студии завршува на Факултетот за музичка уметност во Скопје со највисока оцена CUM LAUDE, во класата на проф. Љубиша Кировски. Во 2010 добива стипендија и понуда за постдипломски студии на Кралската академија во Лондон, а во 2012 запишува специјализација на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена, во класата на проф. Антон Сороков. Член е на Квартетот „Зографски“, ансамблот „Игњац Фукс“, а настапувала во Германија, Австрија, Турција, Словенија, Франција, Хрватска, Коларац во Белград, САД..... До неодамна беше член на Симфонискиот оркестар на Австриското радио РСО ОРФ Виена и соработник со Виенскиот симфониски оркестар – Wiener Symphoniker, а сега е член на Каринтискиот оркестар на Театарот во Клагенфурт, каде што оваа сезона служи како водач на први виолини. Свири на виолина изработена од нејзиниот татко Светозар Богданоски.

Skip to content