Дино Имери

Дино Имери (1990) е еден од најреномираните македонски пијанисти. Со огромен успех настапува на престижните сцени низ светот како гостин на врвни оркестри, како рецитален уметник и како камерен музичар. За него француската критика ќе напише: „Дино Имери – магионичар на пијаното..“ (Magazine, OPS), а неговите уметнички креации не ја оставаат рамнодушна публиката на неговите концерти.   Настапувал во Австрија (турнеја во Палата „Естерхази“, „Liszt-Zentrum“, J. Haydn Kons), Италија (Рим, Бари), Франција (рецитално отворање на „Piano Plage Festival“, Orchestre Philharmonique de Strasbourg), Хрватска (Загреб: „Ватрослав Лисински“, Državni arhiv, Muzej Umjetnosti i Obrt, Дубровник: Epidaurus Festival), Србија (Галерија „Artget“ - Белград), Бугарија (гостувал рекордни пет пати во три сезони на Софиската Филхармонија, дополнително изведувајќи рецитал со дела од македонски автори во Софија во рамки на циклусот „Музиката на Европа – Македонија“), Словенија (Љубљана Фестивал) и др.   За неговата уметност стручната критика ќе напише: „Дино Имери не само што ја изведува музиката, скоро како да ја компонира во моментот. Неверојатен и рафиниран квалитет на звукот, беспрекорна техника, инструментална култура и фасцинантна слобода со еден неверојатен интерпретациски квалитет во неговите изведби – ова е краток опис на неговото големо умеење.“ (Е. Дочева, Kultura.bg)   Настапувал со Стразбуршкиот Филхармониски Оркестар, Софиска Филхармонија, Македонска Филхармонија, Симфониски и Камерен оркестар на ФМУ-Скопје, Оркестарот на Националната Опера и Балет. Соработувал со еминентни уметници меѓу кои диригентите Јосеп Висент, Најден Тодоров, Емил Табаков, Саша Николовски-Ѓумар, Дијана Имери Илкоска, Борјан Цанев, Сашо Татарчевски, Кире Костов, Ле Фи Фи, Бисера Чадловска, потоа пејачи и инструменталисти како Игор и Ана Дурловски, Благој Нацоски, Либуше Санторисова, Алексеј Шаповалов, Луиџи Скифано, Бојан Илкоски, Влатко Стефановски, Ади Имери, Стојан и Нинослав Димови, актерката Симона Спировска, балерина и кореограф Ивана Коцевска и др.   Добитник е на бројни награди и признанија меѓу кои награда „Виртуози“ за млад музички уметник, „св. Мајка Тереза“ за хуманост, Лауреат на Фондација „Томислав Зографски“, Златна Бубамара на Популарноста, ранг во десетте најдобри млади европски пијанисти според 3eme Concours européen de piano Normandie и др.   Покрај концертната дејност, Имери се потпишува на повеќе изданија за престижни дискографски куќи меѓу кои Dino Imeri LIVE(2010, Piano Plage France), “Reflections” (2020, PMG Jazz), “Passions” (Con:tempo, 2021) и др.   Имери бележи бројни успеси и како млад композитор, пишувајќи музика за филм, театар (соработка со независниот театар Артопија), балет („Дијалози“ на Ивана Коцевска), инструментална и вокална музика, мултимедијални проекти („Проста и строга македонска песна – 100 години од раѓањето на Блаже Конески“). Со своето образование се стекнува во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ (класа на проф. Људмила Романова), дипломира со високи почести на ФМУ-Скопје (класа на проф. Борис Романов), а магистрира со високи почести и просек 10,00 на ФМУ-Скопје (класа на проф. Симон Трпчески). Во 2018 г. Дино Имери се стекнува со звање доцент и предава на својот Алма Матер - Факултетот за Музичка Уметност во Скопје при УКИМ.  

Skip to content