10 Септември 2018
Новости
ПРЕПОЛНИ САЛИ И ОВАЦИИ ВО КАЗАХСТАН ЗА КАМЕРНИОТ ОРКЕСТАР НА МАКЕДОНСКАТА ФИЛХАРМОНИЈА
Камерниот оркестар на Македонската филхармонија достојно ја претстави Македонија во Казахстан, одржувајќи два концерти во Алмати и Астана, по повод Денот на независноста – 8 Септември. Концертите беа одржани пред преполни сали и поздравени со овации од страна на тамошната публика.
Под водство на маестро Борјан Цанев и со солистката Анна Кондратенко на виолина, Камерниот оркестар изнуди бурни аплаузи за изведбата на делата од Моцарт, Вивалди, Григ и Пјацола – додека пак со овации беше проследена изведбата на делото „Македонско капричо“ од Драган Шуплевски.
Амбасадорот Илија Псалтиров како и директорот на Државниот филхармониски оркестар во Алмати го изразија своето задоволство од настапот на македонскиот оркестар и ги истакнаа заложбите за понатамошно интензивирање на културните врски меѓу двете земји. Концертот во Астана, пак, беше по повод одбележување на 27 години на независноста на Македонија и Казахстан, како и 20 години „Астана главен град“, а одржан пред високи претставници и дипломати. Пристуните и оркестарот ги поздрави заменик министерот за надворешни работи на Казахстан.
Со овие настани беше промовиран почесниот конзул на Р.М. во Алмати, г-дин Султан Мукшаев, кој исто така даде голема поддршка за турнејата на Македонската филхармонија во Казахстан.
„Имав средба со директорот на Филхармонијата во Алмати, г-дин Далел Зеинешевич Ушаев, со кој се договоривме за взаемна соработка и во иднина“, вели директорот на Македонската филхармонија, Виктор Илиески. „Во наредниот период, во 2019 година, во салата на Македонската филхармонија ќе гостува нивен ансамбл. Почестени бевме што пред концертот добивме пригодни подароци од Филхармонијата во Алмати. Всушност, и двете филхармонии, и во Алмати и во Астана, ни дадоа голема поддршка за нашето гостување, и во однос на инструментите и во однос на превозот, односно за целата организација, и се покажаа како извонредни домаќини. Како уметник со искуство кој имал бројни настапи надвор од државата, овој пат посебно сакам да истакнам дека амбасадорот Илија Псалтиров е исклучително редок пример за професионален третман на уметниците.“