НОВ ПОЧЕТОК

НОВ ПОЧЕТОК

Диригент:
Солист:
Дино Имери
Диригент:
Солист:

P. I. Tchaikovsky: Концерт за пијано и оркестар бр. 1

O. Respighi: Римски фонтани

R. Strauss: Ѓаволштините на Тил Ојленшпигел oп.28

 

За време на десетгодишниот престој во Москва, рускиот композитор Петар Илич Чајковски (1840–1893) ќе црпи силни влијанија кои ќе се чувствуваат во неговите дела. Неговата средба со познатата руска „Петорка“, на пример, формирана во Петроград каде што и Чајковски учел на тамошниот Конзерваториум, ќе значи и собирање вредни искуства што тој потоа ќе ги применува. Иако ниту според своето образование ниту според темпераментот Чајковски не можел да се вклопи во нивниот круг. Но, тоа не му пречело да го оплоди своето творештво, да му се воодушевува на Балакирев или да ја сфати генијалноста на Мусоргски. Мелодиите во народен дух, па дури и дословните цитати од фолклорот, ќе најдат свое место во некои негови познати дела, меѓу кои и во Концертот за пијано и оркестар бр. 1. Програмскиот карактер, пак, ќе биде воочлив во голем дел од неговите конципирани композиции како апсолутна форма. Токму таа среќна синтеза на влијание од западноевропскиот романтизам и идејата на петроградската група ја има кај Чајковски, кого Европа прв ќе го сфати и прифати. Неговите биографи велат: „Има сè во неговите дела, и модерните струења на тогашниот западен систем и силната припадност кон домот“. Неговиот колега Стравински ќе потврди: „Тој е најголемиот Русин меѓу нас“. Критичарите истакнуваат дека Русите во својата уметност никогаш не биле задоволни со целосното истакнување на своите идеи, дека секогаш претерувале и дека рускиот дух е темел на емоционалноста и кај Чајковски ؘ– неговите промени на меланхолични расположенија со речиси хистерична веселба, односно мешавина на тага со радост. Тврдат дека целата замисла на страдање која го обзема неговото дело, во суштина, е духот на времето што го живеел. Добар пример на таа промена на расположенијата е и страсниот Концерт во b-moll. И самиот композитор во 1875 година бил многу горд на него. Но, најпрвин го посветил на својот пријател Николај Рубинштајн, пијанист и диригент, и брат на славниот композитор Антон Рубинштајн, кој тој ќе го оцени како лош, безвреден и невозможен за свирење. Чајковски навреден рекол дека нема да промени ниту една нота и дека Концертот ќе го објави таков каков што е. Затоа, го избришал името на Рубинштајн од страниците и му го посветил на ценетиот Ханс фон Билов, кој тој го извел следната година во Бостон. Концертот за пијано и оркестар бр. 1 се смета за еден од најпопуларните не само од опусот на рускиот композитор, туку воопшто во класичната музика. Силен предизвик е за изведувачите, зашто поседува навистина прекрасна, виртуозна пијанистичка делница. Фасцинантно дејствуваат моќните акордски блокови во пијаното во првиот став Allegro non troppo и широката воведна мелодија кај гудачите. Развојниот дел и репризата со Кода, пак, поседуваат силна експресија и драматичност и пленат со симфониски гест. Вториот став Andantino semplice е опишан како едноставна пасторална мелодија со симпатична разработка на темата во пијаното. Во средниот дел солистичката партија е виртуозна, додека оркестарот ја следи со банална валцерска мелодија. Третиот завршен Рондо (Allegro con fuoco) има своевидна ритмичка главна мисла која, всушност, е преработка на една украинска традиционална песна, лирска долга тема и ефектен крај кој расте до химнични димензии.

 

Оторино Респиги (1879–1936) ја одбележал музичката историја со неговите оркестарски дела кои претставуваат спој на оркестарската вештина на неговиот учител Римски-Корсаков со драматиката во музиката и новите хармонски обележја кои на сцената ги донесуваат неговите современици Вагнер и Дебиси. Ѝ припаѓа на школата на Дебиси, но неговата музика е побујна. Надвор од Италија, тој е познат по својата симфониска поема „Римски фонтани“ (1916), која е дел од неговата позната „Римска трилогија“ во која спаѓаат и поемите „Римски борови“ и „Римски празнувања“. Респиги, кој бил извонреден оркестатор, во ова дело го претставил целиот раскош на оркестарот, користејќи огромен изведувачки апарат надополнет со сценска музика која се слуша од далечина или како групи издвоени од остатокот на оркестарот. Вклучува и невообичаен инструментариум, во кој има челеста, оргули, четирирачно пијано, како и бројни удиралки. Композиторот бил крајно посветен на сликање музички пејзажи за кои дури и напишал и текстуални описи кои ги вклучил кон партитурата сакајќи колку што е можно појасно да ги изложи музичките идеи. „Римски фонтани“ прикажува четири расположенија кои авторот ги доживеал на најпознатите фонтани во Рим:La Fontana di Valle Giulia all’alba има пасторално расположение и целата се одвива во атмосфера на зората што се раѓа. La fontana del Tritone al mattino е утринска игра, додека La fontanadi Trevi al meriggio“ ја прикажува пладневната триумфална поворка на Нептун. La Fontana di Villa Medici al tramonto е меланхолично смирување на сонцето, низ звукот на ѕвоната и црцорењето на птиците. Првата изведба делото ја доживеало на 13 февруари 1919 година.

 

Рихард Штраус (1864–1949) е еден од најтипичните претставници на германското музичко наследство. Се смета за последниот германски романтичар, познат по своите симфониски поеми и опери. Неговиот јазик во творештвото е мошне богат, што се доволни само два такта или неколку акорди за да се препознае неговата индивидуалност. Токму таа оригиналност им одолева на сите мешани стилови во кои ужива со блескаво кокетирање. Штраус почнал да компонира на само 12 години, а веќе на 20 години биле изведени неговите први симфонии, кои веднаш предизвикале интерес кај јавноста. Неговото прво значајно дело е симфониската поема „Дон Жуан“, а потоа следуваат врвните „Смрт и преобразба“, „Така зборуваше Заратустра“, „Дон Кихот“… Во 1894 година, Штраус повторно станува директор на Минхенската опера и во тој период прв пат се изведуваат неговите симфониски поеми, меѓу кои и „Ѓаволштините на Тил Ојленшпигел“ op. 28. Тил Ојленшпигел е легендарен лик од старата германска книжевност кој Штраус го насликал во две теми. На почетокот хорната ја воведува основната лесна мелодија чија тема се развива во останатиот инструментариум, додека подоцна кларинетот ја прикажува втората тема, односно луцидноста и лудоста на Тројанецот. Музиката, всушност, го следи Тил додека јава коњ низ селото вознемирувајќи ја стоката, забавувајќи се и флертувајќи со девојките (љубовна тема претставена во првите виолини), потсмевајќи им се на сериозните академици. Но, на крајот, тој е фатен од властите и осуден на смрт поради богохулство, кога настапува кулминацијата менувајќи се во погребен марш. Тил и во чинот на неговото бесење се обидува да се шегува и тогаш првата тема се извитоперува, означувајќи го неговиот смртен крик.

Следни настани