ЗОРНИНА

ЗОРНИНА

Диригент:
Солисти:

Диригент: Гудни А. Емилсон (Исланд)
Солисти: Алексеj Володин – пијано (Русија/Шпанија)
Едит Пења – пијано (Венецуела/Шпанија)

Програма:

В.А. Моцарт: Увертира „Фигаро“

В.А. Моцарт: Концерт за пијано и оркестар бр. 23 во A-dur, K 488 – Едит Пења – пијано
Allegro
Adagio
Allegro assai

В.А. Моцарт: Концерт за пијано и оркестар бр.20 во d-moll, K 466 – Алексеј Володин – пијано
Allegro
Romanze
Rondo, Allegro assai

Пауза

В.А. Моцарт: Концерт за две пијана и оркестар бр.10, Es-dur – Едит Пења и Алексеј Володин
Allegro
Andante
Rondeau: Allegro

Операта во четири чина „Свадбата на Фигаро“, В. А. Моцарт ја напишал во 1786 година. Станува збор за опера буфа – комична опера со која Моцарт ја започнува својата соработка со либретистот Лоренцо да Понте (која подоцна ќе продолжи и со оперите „Дон Џовани“ и „Сите прават така“). „Свадбата на Фигаро“ е една од најизведуваните опери на Моцарт на светските музички сцени.
Таа е една од 10-те најизведувани оперски дела, а во 2017 година кога магазинот Би-би-си направи анкета меѓу оперските пејачи да гласаат за најдобра опера, таа беше на првото место според бројот на гласови. Таа е ремек-дело во жанрот на оперската комедија, а богатото чувство на хуманост, игривост, едноставност и комплексност во исто време се составен дел од извонредната партитура на Моцарт.
Операта првпат била изведена на 1 мај 1786 година во Бургтеатарот во Виена, и постигнала голем успех. Солистите на бис извеле пет арии, а на втората изведба на операта дури осум. Истиот триумф операта „Свадбата на Фигаро“ го доживеала и во Прага, во декември истата година.
Увертирата од операта започнува со тивка градација која еволуира од брмчење и шепот кон бомбастичната тема која го држи во будност слушателот. Таа во себе го носи карактерот и расположението во интегралното оперско дело – хуморот, игривоста, интригите…

Концертот за пијано и оркестар бр. 23 во А-дур, КВ 488, Моцарт го завршил на 2 март 1786 година, два месеца пред премиерата на операта „Свадбата на Фигаро“ и три недели пред да го заврши својот следен Концерт за пијано. Концертот е напишан за соло пијано и оркестар – гудачи, флејта, два кларинета, два фагота и две хорни.
Првиот став е напишан во сонатна форма, а делото започнува со двојна експозиција – првата со оркестарот, втората кога се приклучува пијаното. Ставот содржи неколку теми кои имаат специфична мелодиска структура, со повремена употреба на хроматика која ја потенцира хармонската тензија во овој став.
Во вториот став може да се почувствува оперски тон. Солистот го почнува ставот сам, презентирајќи ја темата во сицилијански ритам. Динамиката е мека и суптилна во текот на целиот став.
Третиот став е феноменална завршница на концертот, типичен Моцартов музички „есеј“ на деликатно осмислената концертна форма.

Концертот за пијано и оркестар бр. 20 во де-мол, КВ 466, В. А. Моцарт го напишал во 1785 година, за време на неговата најголема популарност во Виена, и делото доживеало голем успех, веднаш по премиерата на 11 февруари. Најголем дел од делата на Моцарт се напишани во дурски тоналитет, па затоа делата кои се создадени во звучниот амбиент на молот имаат поинаков звучен печат и идентитет – како операта „Дон Џовани“, маестралниот „Реквием“ и Концертот за пијано и оркестар бр. 20.
Овој концерт за пијано е еден од најизведуваните и најпознатите – пијанистот Чарлс Розен изјавил дека „делото е исто толку мит колку и ремек-дело: кога го слушате, тешко може да утврдите дали го слушате делото или неговата репутација“.
Концертот е комплексен, драматичен, донекаде и мрачен и во него може да се почувствува духот на романтизмот, кој ќе го донесе музиката во 19 век. Има богата оркестрација, рафиниран и мек звук, во него солистот може до крај да ја искаже својата уметничка индивидуалност и да „зборува“ со јазикот на срцето.
Првиот став најавува силна и возбудлива драматичност. И солистот и оркестарот со своите делници прават трансценденција во оваа атмосфера. Вториот став, како што сугерира и насловот „Романса“, носи нова, помирна енергија и звучност. Страсната, лирска, нежна и романтична прва тема во пијаното, дава чувство на мир и спокој. По неа се појавува втората, подраматична тема која ѝ се спротивставува на првата со својот немирен дух. Ставот завршува со разложени акорди, кои наликуваат на шепот. Третиот став се враќа на бурниот карактер од првиот став, заокружувајќи го ова маестрално музичко дело.

Концертот за две пијана и оркестар бр. 10 во Ес-дур, Моцарт го напишал во Салцбург, речиси во исто време со неговиот друг двоен концерт – Симфонија кончертанте за виолина и виола. Иако не се знае точниот датум кога е напишан, се претпоставува дека Моцарт го создал во 1770 година, за него како солист и за неговата сестра Нанерл.
Во периодот од 1781 и 1782 година младиот Моцарт сѐ уште ја градел својата репутација како композитор во Виена, и токму овој концерт требало да биде круна на неговите најдобри дотогашни музички остварувања. За да остави уште поголем впечаток кај виенската публика, Моцарт го зголемил оркестарот, додал кларинети, труби и тимпани. Концертот најчесто го слушаме во оваа оркестрација и денес.
На премиерната изведба во Виена, со Моцарт свирела и неговата студентка Жосефа Ауернхамер, со која претходно ја изведувал и Сонатата за четири раце. Во своите писма, Моцарт бил прилично амбивалентен кога го опишувал нејзиното свирење: „Свиреше инспиративно, иако нејзината кантабиле изведба не сугерираше доволно на деликатниот пејачки стил… “.
Во концертот, двете пијана водат меѓусебен дијалог и разменуваат музички идеи. Оркестарот е многу потивок, во споредба со останатите концерти за пијано, во него Моцарт многу поголем простор им отстапува на солистите. Првиот став е лирски и обемен, а вториот – типично бавен и рафиниран и во него оркестарот е само позадина, над која двајцата пијанисти ја градат својата музичка приказна. Финалниот став е динамично и ритмичко рондо, кое е збогатено и со лирска грациозност типична за Моцартовиот музички стил.

Следни настани