Алексеј Володин

Роден 1977 година во Санкт Петербург, Алексеј Володин се смета за еден од најсилните претставници на руската пијанистичка школа и за инструменталист од елитата на светскиот пијанизам, кој редовно настапува со престижни оркестри како Њујоршката филхармонија, Оркестарот на театарот „Марински“, Лондонскиот симфониски оркестар и диригенти од рангот на Валериј Гергиев, Владимир Федосејев, Марк Албрехт и Семјон Бичов. Неговите изведби критичарите ги опишуваат како „сензационални“, „исклучително енергични“, а овој „мајстор на пијаното“ во сезоната што следува со свои рецитали ќе настапува во Големата сала на Московскиот конзерваториум, БОЗАР во Брисел, Вигмор хол во Лондон, Аудиториумот во Мадрид, Тонхале во Цирих, во „Плејел“ во Париз и во Олимпико во Рим. Дека Алексеј Володин е изведувач со огромна сензитивност, но истовремено и со брилијантна техника се согласуваат и светските музички критичари. Во 2015 година, по еден од неговите концерти, Питер Рид во „Classical Source“ ќе напише: „Слушајќи го како бавно ги отвора светот на Шопеновата поезија, лириката на Шуберт и фантазиите на Шуман, станувам свесен за неговата повеќеслојна уметничка личност... Сè во оваа програма беше детално обмислено, но поради неговиот интелигентен пристап, неговото претставување пред публиката воопшто не изгледаше искалкулирано...“ – Питер Рид, Classical Source, јуни 2015 На полето на камерната музика пак, активно соработува со врвни уметнички имиња како Сол Габета, Џулијан Рахлин, Миша Мајски, Бородин квартетот, квартетот Модиљани, квартетите Касалс и Кремона. Редовен гостин е и на повеќе интернационални фестивали. Што се однесува до репертоарот на овој пијанист, тој е разновиден, почнувајќи од Бетовен и Брамс преку Чајковски, Рахмањинов, Прокофјев, Скрјабин, па сè до Шчедрин и Метнер. Значајно место во целокупната кариера на Володин, заземаат неколкуте звучни снимки што ги има направено изминативе години. Има издадено повеќе компакт-дискови со солистичка музика од Рахмањинов, Шуман, Равел и Скрјабин, а за компакт-дискот со дела од Шопен е награден со пет ѕвездички од „Дијапазон“. Во соработка со Оркестарот на Марински театарот, под водство на Валериј Гергиев, Володин го издава компакт-дискот со Концертот за пијано бр. 4 од Прокофјев и предизвикува огромен интерес кај музичката јавност. Во 2016 година британскиот музички новинар и критичар Ерик Леви, по преслушувањето на овој концерт, пишува: „На брзите ставови им пристапува со огромна живост и невидена јаснотија во движењето на прстите..., додека во бавните движења дозволува природната лирика на Прокофјев да дојде до израз...“ – Ерик Леви, BBC music magazine, март 2016 За успешниот аудиозапис, своја оценка дава и критичарот Грахам Вилијамс: „Течниот и навидум лесен, без напор пијанизам на Володин, во соработка со одличната придружба на оркестарот и Гергиев, го извади најдоброто од ова неправедно запоставено дело...“ – Грахам Вилијамс, HR audio, јануари 2016 Инаку, Володин, кој е ексклузивен уметник на компанијата „Стенвеј и синовите“, снима за неколку издавачки куќи, при што неговите записи со дела од Шуман, Равел и Скрјабин се здобија со исклучително високи оценки од рецензентите, а албумот на кој тој свири дела од Шопен, не само што доби пет ѕвездички во „Дијапазон“ туку ја освои и наградата „Шок класика“.

Skip to content