Маjа Михајловскa

виолончело

Започнува да свири виолончело на 12-годишна возраст, во класата на проф.Маре Кочарева, а средното образование го завршува во класата на проф. Паскал Краповски. Дипломира со највисока оценка cum laude на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф.Живко Фирфов. Во 2012 година,  добитник е на наградата „Франк Манинг“ за најдобар студент на генерацијата, доделена од истоимената британска фондација. Во јуни 2015 година, ги завршува и магистерските студии на ФМУ, во класата на познатиот чешки виолончелист Микал Канка од Прага. Учествува во неколку интернационални оркестари како што е “Yunge Orchester Akademie–YSO”  во 2005/2006 на турнеи во Швајцарија и на Балканот.

Во 2006/2007 и 2008/2009 година, настапува со Европскиот оркестар “CEIYO” на турнеи во Италија, Австрија, Словенија, Романија. Во 2016 година, свири со скандинавскиот оркестар “Orkester Norden” на турнеја во Данска, Шведска и Финска под палката на познатиот диригент Лоренс Фостер. Настапувала како солист со Македонската филхармонија во 2006, 2007, 2008 година, како и со оркестарот на ДМБУЦ и АРКО. Добитник е на бројни државни награди, одржала бројни рецитали низ земјава, во рамките на „Скопско лето“ и во организација на КИЦ. Редовно настапува со својата сестра близначка Марија во дуетот чела “Twins cello”.Шест години е дел од семинарите на проф. Астрит Селита од Тирана, а учествува и во мастерските курсеви на Имре Калман, Александар Књазев, Венцеслав Николов, Марк Купе, Детлеф Милке и Јоханес Мозер.  На покана на селекторката на фестивалот „Охридско лето“, Гордана Јосифовска-Неделковска, во 2012 година, свиреше на затворањето на фестивалот на концертот на познатиот виолончелист Енрико Диндо.Вработена е во Македонската филхармонија од 2015 година. Редовно снима за филмскиот оркестар F.A.M.E.’S.

Се чувствува еднакво добро во строго класичниот репертоар, но и смело ја крши рамката на еден класичен музичар. Таа е дел од бугарскиот кросовер квартет „Дестини“, со кој од 2019 година постојано настапува низ Бугарија и во Европа, а досега со него сними и два видеоспота.

 

Во слободно време обожава да патува, да гледа „Нетфликс“. Зборува пет јазици, а неодамна заврши и курс по турски јазик.

Skip to content