Маја Чанаќевиќ

англиски рог

Родена е во Скопје каде што го завршува средното музичко образование и Факултетот за музичка уметност. Дипломира обоа во класата на проф. Гордана Јосифова-Неделковска на ФМУ во Скопје. Веднаш по дипломирањето, ги завршила и постдипломските студии по културен менаџмент, a магистрирала и во областа на музичката уметност во класата на проф. д-р Владимир Лазаревски.

Во текот на образованието, добитник е на бројни награди на државните музички натпревари, како и наградата за најдобар студент на ФМУ. Инструментот обоа го усовршувала и кај светски признатите обоисти Пол Домбрехт и Давид Валтер.

Почнувајќи од периодот на студиите па сè до денес, настапувала како солист или, пак, како член на камерни оркестри на сите фестивали во Македонија, но и надвор од неа. Како солист настапувала во Холандија, Украина, Босна и Херцеговина, Турција, Унгарија, Косово, Бугарија, Србија, САД итн… Има остварно и повеќе аудио и видеоснимки. Постојан член е на камерното студио „Бахус“, камерниот ансамбл „Консонанс“, оркестарот F.A.M.E.’S.итн.

Афинитетот кон менаџирањето го покажува уште во периодот на студиите кога ја започнува и работата во Музичката младина на Македонија, а потоа и како претставник на Македонија во неколку тела на Меѓународната организација на музичка младина (Youth of Music International), како член на Советот на ,,Охридско лето“ и прв секретар на Македонскиот музички совет. Огромното искуство во областа на културниот менџмент, покрај организирањето различни концерти, раководење ансамбли и оркестри, го реализира и преку одржување семинари, како и пишување и објавување повеќе статии од оваа област.

За нејзината успешна работа како лидер, но и како уметник, одликувана е и со највисоки меѓународни и национални признанија. Во 2011 година, беше одликувана со Медал за посебни заслуги во областа на културата и уметноста, доделен од државата Полска, медал кој многу ретко се доделува на странци. Одликувана е и со националниот Медал за посебни заслуги и придонес кон македонската култура, доделен од Бигорскиот манастир.Во 2018 година, по предлог на француското Министерство за култура, одликувана е со највисокото признание кое го доделува Франција во областа на културата и уметноста –Витез од редот на уметноста и книжевноста.

Вработена е повеќе од 20 години како обоист и солист на англиски рог во Македонската филхармонија. Во рамките на својата уметничка дејност, продолжува да твори и да ја промовира камерната музика и музиката пишувана за овој редок инструмент (англиски рог). Во периодот 2007 – 2017 година, во три мандати беше директор на Македонската филхармонија.

„Вечен ентузијаст, ведра и насмеана, се радувам на пријателите и на луѓето, постојано во движење и учење, живеам со верба дека добрината и уметноста ќе го спасат светот…

Првата љубов е музиката, но втората љубов ми е ликовната уметност и дизјанот. Сè уште ми е најубав мирисот на вистинската книга, а задоволството од читање неизмерно. Скијањето и велосипедизмот се нештата што ми го расчистуваат умот, а патувањата и истражувањето ми го одржуваат духот. Среќна сум што повеќе од 20 години ја имам можноста и задоволството да музицирам со моите колеги на сцената на Македонската филхармонија, но и со врвни уметници од целиот свет. Посебно сум горда на нашата убавица–концертната сала, чија градба беше започната и завршена токму во периодот во кој ја имав честа да бидам директор на оваа инстинтуција.Како долгогодишен член на Rotary, среќна сум што имам можност да ѝ служам на заедницата и да помагам на оние на кои им e најпотребно“.

Skip to content