Владимир Крстев

водач на втори виолини

Роден е во Скопје во музичко креативно семејство.Запловува во музичките води свирејќи виолина уште од најраното детство. Средното музичко училиште го завршува паралелно учествувајќи во многу македонски ансамбли, патувајќи насекаде низ светот, збогатувајќи го својот сестран, разновиден музички спектар и надградувајќи се уште повеќе во различни музички стилови и насоки.

Дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Зоран Димитровски, лауреат е на државните натпревари по виолина во 1995 година и камерна музика во 1996 година. Има освоено неколку државни награди и признанија, од кои несомнено се издвојува наградата YAMAHA во 1998 година за најдобар инструменталист во генерацијата. Како студент е учесник во повеќе музички кампови – Симфонискиот оркестар во Алтенбург, Германија, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија.

Вработен е во Македонската филхармонија од 2002 година.Има бројни настапи насекаде во светот – Кина, Казахстан, Шпанија, Бугарија, Турција, Шведска, Полска, Франција, Австрија, Португалија, Дубаи… и соработува со врвни музички имиња на солисти и диригенти од светски ранг. Забележителни се неговите настапи на „Скопско лето“, „Штипско лето“ и „Охридско лето“, „Хераклејски вечери“, „Денови на македонска музика“, како и повеќе солистички и камерни настапи со Македонската филхармонија.

Член е на камерниот состав „Мјузик прогресив квартет“ (составот е добитник на наградата „Виртуози 2013“), со кој настапувал во САД, Канада, Русија, Австрија, Италија, Луксембург, Бугарија, Балкан. Воедно, членува во гудачкиот квартет „Бревис“, ансамбалот БАХУС, Магичниот оркестар на Џијан Емин, Симфонискиот оркестар за филмска музика F.A.M.E.’S.

Како инструменталист, учествува и при реализација на музиката за филмовите „Големата вода“, „Бал-кан кан“, „Како убив светец“, „Мајки“, „Трето полувреме“, „До балчак“, „Врба“ – музика на Кирил Џајковски со кого соработува многу години изведувајќи низа настапи на светски музички сцени. Своето сестрано музичко портфолио успешно го надополнува низ годините преку соработка со еминентните македонски изведувачи Каролина Гочева, Симон Трпчевски, Никола Мицевски, Дуке Бојаџиев, Тони Китановски, Калиопи, Влатко Стефановски и многу други музички имиња.

Skip to content