Александар Гошев

трета хорна

Роден е во 1970 година во Струмица. Основно образование завршува во родното место Турново, а средно музичко образование завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“во Скопје,инструмент хорна во класата на проф.Левче Трајковски. По завршувањето на средното музичко училиште,студиите ги продолжува на Музичката академија во Нови Сад, во класата на светски познатиот хорнист и педагог проф.Ференц Тарјани. За време на студиите, започнува со педагошка работа во Основното музичко училиште во Сремска Митровица во 1993 година. Во 1994 година, се вработува како прв хорнист на неопределено време во оркестарот на операта при Српскиот народен театар во Нови Сад. За време на студирањето 1993/94 година, започнува активно да се занимава со педагошка дејност, како наставник по хорна и труба во Основното музичко училиште во Сремска Митровица. Овде ги започнува и првите чекори кон професионалното занимавање со педагошка дејност,каде што во класата на проф.Дубравко Марковиќ започнува да ја учи техниката на свирење на лимени дувачки инструментинон пресо, со која почнува успешна педагошка кариера.

Во Сремска Митровица работи до 1995 година, каде што со повеќе ученици добива врвни награди на натпревари, музички настани и фестивали. Во 1994/95 година, хонорарно работи како професор по хорна во Средното музичко училиште во Суботица. По војната, во 1999 година се враќа во Скопје,каде што хонорарно работи во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ како професор по хорна. Во август 2006 година, добива ангажман за одржување семинар на конзерваториумот во Осло, Норвешка. Од 2007 година е хонорарен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје со титула вонреден професор по хорна,камерна музика и оркестарски делници.

Како ученик во средното музичко училиште, тој започнува концерти од областа на класичната музика со соло-настапи во градовите низ целата земја, како и за камерна музика со брас квинтет во средното музичко училиште. Во 1987 година, освојува прва награда на републички натпревар во Скопје со максимални бодови, а во Дубровник трета награда во конкуренција од 35 хорнисти од поранешната Југославија.Настапува со училишниот оркестар како солист и како солист со рецитална програма со познатите пијанистки Марија Докузова и Данче Агапиева-Василева и други. За време на студиите во Нови Сад, започнува со настапи во Камерниот оркестар на Музичката академија во Нови Сад, предводен од познатиот виолончелист Иштван Варга, настапувајќи на бројни фестивали во Будимпешта и во Холандија. За време на семинарот во Бекешчаба во Унгарија, настапува како солист со познатите пијанисти Оскар Ритер и Вера Тот Хорти,потоа со Војводинската филхармонија, Суботичката филхармонија…

Од 1994/95година, се вработува како прв хорнист во оркестарот на Новосадската опера при Српскиот народен театар во Нови Сад на неопределено време. Во исто време, работи и како прв хорнист во Суботичката филхармонија на определено време – хонорарно, прв хорнист во Војводинската филхармонија во Нови Сад каде што останува до 1999 година. Од 2001 година до денес е во редовен работен однос во Македонската филхармонија. Од 2005 година е член на брас квинтет,а од 2007 година е член и на „Скопскидувачки квинтет“ со кој има многу реализирани концерти во Македонија и надвор од неа. Во 2011 година, тој е организатор на првиот Интернационален семинар за хорна, труба и камерна музика во Дојран на кој присуствуваат голем број домашни и странски учесници,а семинарот се одржува и до денес со проширување со инстументот флејта. Во 2020 година, се одржа и 10. издание на Летниот музички камп „Струмица 2020“.

Голем љубител е на градинарството, овоштарството,пчеларството,ловот и риболовот, а најголем љубител е на кулинарството каде што ужива во приготвување на безброј рецепти што потекнуваат од домашната традиционална кујна, како и креирање свои оригинални рецепти.

„Иако не потекнувам од музичко семејство, уште како мал музиката навлезе во секоја пора од моето тело. Детската игра беше заменета со бескрајно вежбање на гитара, добиена на мојот шести роденден,која и до ден-денес е дел од мојата витрина на спомени од моето детство…“

Skip to content