Елена Дојчинова
прва флејта
Вработена е како прва флејта во оркестарот на Македонската филхармонија. Со својот лиричен израз и виртуозност се вбројува меѓу најталентираните флејтисти во нашата држава. Родена е во Кочани каде што го завршува основното музичко образование кај проф. Елена Мирасчиева. Средното музичко образование го завршува во ДМБУЦ ,,Илија Николовски-Луј“ во Скопје во класата на проф. Радмила Попоска, а дипломира во 2014 година во класата на проф. Страшо Темков на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во текот на своето образование, посетува бројни семинари и работилници кај истакнати флејтисти, меѓу кои е значајна соработката во последните неколку години со истакнатиот флејтист од Бугарија проф. Георги Спасов. Досега се стекнала со бројни награди и признанија во земјава и во странство.
Освен како дел од оркестар, активно е присутна на македонската музичка сцена и како солист и камерен музичар. Соработката со НУ Македонска филхармонија започнува во 2013 година,каде што настапува заедно со врвни музички имиња на диригенти и солисти од светски ранг.
„Среќа е кога работата ни е радост и уживање,а за мене работата во оркестар не е работа туку начин на живеење. Уживам во концертите и свирењето на сцена, а за тоа црпам инспирација од едноставноста и убавината на секојдневните нешта. Прошетка во природа или планинарење се првиот избор кога сакам да се релаксирам. Дома, покрај добра книга, уживам гледајќи филм или серија. Малите нешта ме прават среќна: насмевката на лицето на блиските, добар филм, кафе-муабет со некоја драга личност, готвење за најблиските“.