Питер Мур

„Има уште многу нешта кои сакам да ги направам. Сепак, гледајќи наназад, се чувствувам привилегирано и смирено за можностите што ми се пружија“, вели врвниот британски тромбонист Питер Мур, уметникот кој на само 12 години, во 2008 година, стана најмладиот победник на натпреварот за млади музички уметници на „Би-Би-Си“. На 18 години пак, Мур беше назначен за ко-главен тромбонист на престижниот Лондонски симфониски оркестар. „Мојот стил во минатото беше да ги земам работите во мои раце и да не размислувам за далечната иднина, но кога ќе погледнам наназад, да, имав среќа да бидам дел од толку многу прекрасни музички искуства.“ Питер Мур (1996) е роден во Ирска, и таму го почнал музичкото образование, за да продолжи во Англија на студии за напредна програма на Кралската академија за музика. Едни од неговите последни ангажмани се соло дебијата со Симфонијата на Луцерн, со Филхармонија на Тајланд и Симфониските оркестри на „Би-Би-Си“, рецитали во „Барбикан“ и „Вигмор Хол“, во Австралија и Нов Зеланд, како солист со Националниот оркестар на „Би-Би-Си“ во Велс, со Брајтон филхармонија, на Европскиот фестивал за тромбони во Ротердам... Питер Мур е пасиониран музичар, посветен на инструментот што го свири до степен постојано да ги испитува неговите технички можности. Вели дека не чувствува посебен притисок по добивањето на наградата на „Би-Би-Си“, дека публиката ќе очекува постојано нешто добро од сите негови настапи. Едноставно, вели, тој продолжува да ужива во она што го работи и така, за него, нештата стануваат поедноставни. Функцијата што ја извршува во ЛСО, за него во моментов e главна преокупација. „Тоа е идеална ситуација, бидејќи ги имам сите придобивки и искуства од работата во еден од најголемите оркестри на планетата, а сепак, не сум врзан за него цело време. И токму ова ми дава можност да ја продолжам мојата соло кариера, за која имам особена страст. Во ЛСО инаку, не постои типичен ден или недела за концерти и за проби. На пример, можеме да имаме симфонија на Малер што треба да ја изведеме следниот ден, или по утринската проба оркестарот снима шест часа филмска музика! Исто така, имаме неколку фантастични турнеи низ целиот свет. ЛСО реализира околу шеесет концерти надвор од земјата секоја година! Така што, агендата може да биде многу исполнета ако на тоа додадете и хонорарни ангажмани, може да биде бурно и напорно особено во Лондон. Затоа, се трудам да се одморам, така што се обидувам да ги подобрам моите резултати во голф, иако сум безнадежен (ха, ха, ха)“ За Питер Мур музиката е бескрајно поле за истражување. Вели дека никогаш не треба еден музички уметник да престане да ги слуша другите музичари, да биде присутен на нивните концерти. „Редовно одам на концерти и слушам пејачи, виолончелисти, џез –музичари... Така ја прошируваме сопствената музикалност и ја развиваме имагинацијата... Зборуваме дека сме уметници, и затоа треба постојано да се навраќаме на чувството за убавото.“

Skip to content