Mихе Рио
Критиката е постојано на страната на кореанската виолончелистка Михе Рио, оценувајќи ги нејзините изведби како врвни. Се издвојува нејзиниот настап со „вечната кралица“ меѓу сите пијанисти Марта Аргериќ во „Тонхале“ во Цирих и со виртуозот на виолина Шломо Минц во „Лист“ во Будимпешта. Првиот час по виолончело Михе Рио го имала на шестгодишна возраст, кога почнала и да победува на сите државни натпревари, поттикнувајќи ја нејзината амбиција да студира во странство за да ги развие своите музички способности во најдоброто музичко училиште. Се запишала во „Џулијард“ на шеснаесет години, а студиите ги завршила на Универзитетот во Мичиген. Таа е една од најбараните виолончелистки, настапувајќи со бројни оркестри, како што се Симфонискиот оркестар Берлин, Симфонискиот оркестар Нирнберг, Симфонискиот оркестар на Радио Прага, Израелската симфонија, Филхармонијата на Хонгконг, на Малта, на Сеул, Корејскиот симфониски оркестар и други оркестри во Азија..., свирејќи во некои од најпознатите концертни сали како „Музиквереин“, „Верди“, „Херкулес“, „Карнеги Хол“, Берлинската филхармонија... Во 2013 година, Михе го издаде својот албум за „Дојче Грамофон“, со Концертите за виолончело на Сен-Санс и Елгар. Учествува и на значајни меѓународни натпревари како член на жири. Во моментов живее во Виена и активно изведува преку 30 концерти годишно како концертна виолончелистка, што и ја донесе и титулата уметнички директор на ИМК (Асоцијацијата за Интернационална музика и културна промоција).