ДАНИЕЛ РОЛАНД

Виолинистот Даниел Роланд е еден од водечките на светската музичка сцена. За него велат дека „звучи како ниту еден друг виолинист, и дека креира специфичен звук на инструментот на којшто свири“ (Шарлот Гарднер, „Грамофон“), дека поседува „гламурозен тон“ (Ричард Бретби, „Грамофон“), „фасцинантен тон во кој има деликатни финеси“ (Тим Ешли, „Гардијан“)… Роланд се етаблира на светската музичка сцена како изведувач со харизма и со авантуристички дух, кој изведува различен репертоар. Изведува музика од Бетовен, Брамс, Елгар, Корнголд, Прокофјев, Шнитке, а соработувал со водечки диригенти и солисти. Изведува и современа музика – концертите на Вакск, Линдберг, Глас, Саариаго и Ван дер Аа. Роланд е и пасиониран камерен музичар, настапувал со Ајви Гитлис, Николас Даниел, Ана Федорова, Нино Гветадзе, Мајкл Колинс, Елвис Костело… Бил член и на квартетот „Бродски“, еден од водечките камерни состави во светот. Освен што редовно настапува на светските музички сцени, Роланд работи и како професор на Кралскиот колеџ во Лондон. Роден е во Лондон, а со часови по виолина започнал кога неговите родители се преселиле во Холандија. Студирал со Јан Репко, Давина ван Вели, Херман Креберс, Виктор Либерман и Игор Ојстрах. Добитник е на првата награда на натпреварот „Оскар Бак“ во Концертгебау во Амстердам и на Брамсовата награда во Баден Баден. Неговата виолина е изработена од Лоренцо Сториони (Кремона, 1796).

Skip to content