ТИМОТИ РИДАУТ

Тимоти Ридаут (1995) е еден од водечките млади солисти на светската музичка сцена. Тој е уметник на новата генерација на Би-би-си од 2019 година, a неговите концертни ангажмани оваа сезона вклучуваат настапи со оркестрите во Берлин, Бордо, Салцбург, Симфонискиот оркестар на Би-би-си... Настапувал со диригенти како што Давид Цинман, Силвијан Кембрелинг, сер Андреас Шиф... Го нарекуваат виолист „чиј тон не може да биде посигурен и чиј музички инстинкт инспирира самодоверба на секое можно ниво“, млад изведувач чија изведба се одликува со „солиден тон, совршена интонација, солидна техника и харизма“, но и еден од најдобрите млади виолисти кој постојано воодушевува со своите „возбудливи вибрато тонови“ и талент чија кариера со сигурност ќе биде успешна. „Како дете сакав да бидам пејач, а не виолист. Пеев во школскиот хор и учествував во мјузиклите што ги подготвуваше училиштето. Кога дојдоа професорите да ги претстават своите инструменти за да одбереме еден од нив, јас се одлучив за виолата само затоа што професорот ја отсвири ’Темата на Хедвиг‘ од филмовите за Хари Потер. Инструментот го немав допрено сѐ до моментот кога мојот глас почна да ме издава и не можев повеќе да пеам. Започнав со изучување на виолата на Кралската музичка академија, но тешко ми одеше, бев многу поназад од сите кои беа со мене. Во тоа време веќе почнав да го засакувам овој инструмент, па не ми падна тешко тоа што требаше да се трудам и да вежбам двапати повеќе од другите“, вели Ридаут. Денес активно настапува и како солист и како камерен музичар, а неговите ангажмани вклучуваат и по неколку настапи во сезоната во Вигмор хол, како и во цела Британија, Европа и Јапонија. Редовно свири на фестивалите во Луцерн, Локенхаус, Берген, Евијан, Аспен... Соработувал како камерен музичар со врвни уметници како што се Џошуа Бел, Изабел Фауст, Јанин Јансен, Кристијан Тетцлав, Николас Алштед, Кијан Солтани, Ларс Вогт и многу други. Неговиот втор албум „Музика за виола и камерен оркестар“ на кој се поместени дела од Вилијамс, Мартину, Хиндемит и Бритн беше издаден во февруари 2020 година под етикетата на издавачката куќа Claves records. Неговиот деби-албум излезе во 2017 година во соработка со пијанистот Ке Ма. Свири на виола од Перегрино ди Зането од 1565 година.  

Skip to content