Јеол Еум Сон

Светската критика ја оценува јужнокорејската пијанистка Јеол Еум Сон како врвен изведувач со грациозна и безвременска интерпретација, кристален и разнобоен тон и возбудливи изведувачки перформанси. Важи за брилијантен виртуоз и за пијанистка која прави совршен баланс меѓу енергијата и гравитацијата со својата изведба. Свири на светските сцени и како рецитален изведувач и како пијанист со најзначајните симфониски оркестари во светот. Нејзиниот репертоар е разновиден и еклектичен, таа свири музика од Бах, Моцарт, од германските и руските романтичари, Вагнер, Шимановски, Лигети, Салонен... Свирела со најдобрите светски оркестри, како што се Њујоршката филхармонија, оркестарот на театарот „Марински“, Чешката филхармонија, Концерт хаус оркестарот од Белрин, „Московски виртуози“... Концертите на кои настапувала ги воделе диригиенти како што се Дмитри Китајенко, Валери Гергиев, Васили Петренко, Владимир Спиваков, Кшиштоф Урбански, Мико Франк, Пабло Гонзалез и др. Во сезоната 2021/22 година, Јеол Еум Сон ќе настапи во Будимпешта, Амстердам, Хелсинки, Сингапур, Лондон... Според „Тајмс“, оваа пијанистка е модел за јасно и лесно свирење. Пред пандемијата, таа дебитираше со Филхармонијата на Ливерпул со која го изведе концертот „Императоре“ од Бетовен, а критиката беше едногласна дека станува збор за исклучителна пијанистка – „демонстрираше врвна техничка подготвеност и лирска сензитивност“, беа само дел од суперлативите во музичките рецензии. За време на нејзината турнеја низ Велика Британија со Симфонискиот оркестар на Исланд во пролетта 2020 година, таа го свиреше Концертот за лева рака од Морис Равел и повторно предизвика бурни реакции и кај публиката и кај критиката со својата беспрекорна изведба. Како сензитивен, емоционален и моќен рецитален пијанист настапувала во речиси сите значајни светски музички центри. Зад себе има неколку албуми со снимени дела од Берг, Прокофјев, Стравински, Равел... Таа е почесен амбасадор на Центарот за уметност во Сеул. Добитничка е на втората награда на престижните интернационални натпревари „Чајковски“ (2011) и „Ван Клибурн“ (2009).  

Skip to content