Ѓорѓи Димчевски

Концерт-мајсторот на Националниот оркестар на Шпанија, Ѓорѓи Димчевски, е еден од највпечатливите претставници на новата генерација македонски музичари со завидна светска кариера. Од 2007 година, тој е концерт-мајстор и на Оркестарот Валенсија, кој концертира во Палатата на уметностите на кралицата Софија предводен од славниот Лорин Мазел. Оттогаш се етаблира како исклучителен солист, камерен музичар, оркестарски музичар и професор по виолина. Роден е во музичко семејство и уште од рана возраст покажувал силни афинитети за музика, па така првите часови по виолина ги имал кај својот дедо. Добитник е на први награди на Националниот натпревар по виолина, на Интернационалниот натпревар по виолина во Белград, на виолинискиот натпревар во Перпињан, Франција. Дипломирал на Конзерваториумот во Тулуз со високи почести во класата на проф. Благоја Димчевски и на Универзитетот за музика во Келн, во класата на проф. Виктор Третјаков. На само 13 години, Димчевски настапил како солист со Македонската филхармонија изведувајќи го Концертот за виолина бр. 1 од Виењавски. Како солист настапувал и со Оркестарот на Валенсија, со Класичната филхармонија на Бон, потоа во Келн и во Хамбург, со диригенти како што се Омер Меир Велбер или Пол Ман. Како концерт-мајстор, пак, Димчевски редовно настапува заедно со Оркестарот на Валенсија изведувајќи плејада врвни дела под палката на славните диригенти Мазел, Мехта, Џорџ Претр, Валери Гергиев, Пласидо Доминго, Рикардо Шаји, како и со Симфонискиот оркестар на Астуријас со Росен Миланов, со Класичниот оркестар на Санта Сесилија со Илија Корол, со Симфонискиот оркестар на Кастилја со диригентите Василиј Петренко и Семјон Бичков, со Шпанскиот национален оркестар и маестро Давид Афкам. По предлог на маестро Мехта, Димчевски бил поканет да биде гостин концерт-мајстор на Израелската филхармонија за Европската фестивалска турнеја, како и за турнејата во Јужна Америка. Оркестарот го предводел токму Мехта. Неговата посветеност и за камерната музика го води на најпрестижните фестивали во Европа, а меѓу другите настапувал заедно и со пијанистот Симон Трпчески и со виолончелистката Каори Јамагами. Во 2015 година е назначен за професор по виолина на постдипломските студии за музичка интерпретација на Меѓународниот универзитет во Валенсија. Ѓорѓи Димчевски е специјален гостин на последното цеде на славниот оперски пејач Пласидо Доминго, насловено Encanto del Mar. Свири на виолина „анџело де руб“ од Рим, од 1750 година.

Skip to content