Чарлс Оливиери Мунро

https://www.olivieri-munroe.com/ Чарлс Оливиери Мунро го привлекува вниманието на јавноста комбинирајќи го неговиот талент и харизма, како што ќе напише „Њујорк Тајмс“, истакнувајќи ја страста за чистината на оркестарскиот звук, како што ќе додаде „Торонто Стар“. Тој е уметнички директор и главен диригент на Филхармонијата во Краков од 2015 година, почесен главен диригент со Северна Чешка филхармонија (претходно нејзин музички директор) и почесен гостин диригент со Туринген филхармонијата во Германија. Инаку, Оливиери Мунро е редовен гостин диригент со многу оркестри особено во Европа, како и уметнички директор на неколку фестивали за класична музика. Диригирал со оркестри како Израелската филхармонија, Симфонискиот оркестар во Монтреал, Симфонискиот оркестар на Торонто, Симфонискиот оркестар во Сиднеј, Симфонискиот оркестар во Минхен, Филхармонијата во Штутгарт, Симфонискиот оркестар во Будимпешта, Варшавската филхармонија, Кралската филхармонија во Брисел... Активен е и како оперски диригент, а неговото деби во оваа област го остварува во 2001 година диригирајќи ја „Фалстаф“ на Верди во Берлинската опера, откога застанува зад диригентскиот пулт на многу оперски дела како „Дон Џовани“ од Моцарт и „Свадбата на Фигаро“ во Милано, „Аида“ од Верди на фестивалот „Лаго ди Комо“, „Стабат Матер“ од Дворжак во Прага, „Евгениј Онегин“ од Чајковски во Франкфурт, а диригирал и во оперската куќа во Сиднеј... Неговите идни проекти се „Отело“ од Верди во Белград и „Свадбата на Фигаро“ од Моцарт во Операта во Хонг Конг. Чарлс Оливиери Мунро е роден во Малта, но пораснал во Канада каде што студирал пијано со еминентниот педагог Борис Берлин на Кралскиот конзерваториум за музика на Универзитетот во Торонто. Таму добил три стипендии и своето образование го развивал во Канада, но и во Брно и во Сиена. Неговата меѓународна кариера почнала со серија триумфи на меѓународни натпревари, кулминирајќи со Прва награда на Меѓународниот музички фестивал Прага во 2000 година. Неговите достигнувања како диригент се поткрепени со многу награди, меѓу кои и со престижното признание во 2013 година – „Бренд личност“ од Фондацијата „Азија Пацифик“, чии добитници претходно беа имиња како Стив Џобс, Нелсон Мандела и Марк Закерберг. Оливиери Мунро, покрај стандардниот репертоар, огромно внимание посветува на делата на чешките музички мајстори како Дворжак, Сметана, Јаначек и Мартину.

Skip to content