Цветанка Созовска

Цветанка Созовска го започнува своето образование по пијано на седумгодишна возраст. Во 1996 година дипломира во класата на рускиот пијанист и органист Борис Романов, со највисоки оценки (просечна оценка: 10) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во нејзиниот роден град Скопје, Македонија. Последователно, таа е избрана за Најдобар студент на Универзитетот во периодот помеѓу 1985-1996 година. Нејзината понатамошна специјализација на полето на барокната музика ја води во Хаг, Холандија, каде што ги заокружува додипломските и постдипломските студии по чембало во класата на холандскиот чембалист и фортепијанист Жак Ох на Кралскиот Конзерваториум. Како солист и камерен музичар на пијано и чембало, Цветанка има одржано концерти низ цела Европа и во Јужна Кореја. Таа е член на ЕУБО - Барокниот Оркестар на Европската Унија во сезоната 2002-2003, работејќи со Фабио Бионди и Рајнхард Гебел. Цветанка е дел од Летниот фестивал во Каза де Матеус, Португалија во 2004 година, заедно со музичари како што се: Жак Ог, Вилберт Хазелзет, Питер ван Хајхен, Паоло Пандолфо, Пол О’Дет, Жан Пол Фушекур и Марк Деструбе. Со ансамблот Барокопера Амстердам настапува низ Бретања, Франција, како и во Холандија. Во летото 2009 година предава чембало и басо континуо на Курсот за рана музика во Бургос, Шпанија. Цветанка има настапувано со Оркеста де Кадакез во Шпанија под диригентската палка на Сер Невил Маринер. Под раководство на Маестро Франс Брухен од Оркестарот на 18тиот век и денс компанијата Лајне и Рубана, таа е корепетитор на оперската продукција „Les Indes Galantes“ во Полска и Холандија. Во последната етапа од подготовките Цветанка е и диригент на пробите на басо континуо делниците, како и на генералната проба на целата продукција (на барање на маестро Брухен). Со танцовата компанија Лајне и Рубана има соработувано и во продукцијата „Срж“, во Холандија и Франција. Таа има настапувано и во дуо со холандскиот блокфлејтист Хеико тер Схегет во Чешка. Цветанка редовно настапува во различни камерни и оркестарски проекти во Исланд во изминатите неколку години, како член на Меѓународниот Исландски Барокен Оркестар. Таа е дел од барокниот ансамбл „Театро ала Мода“, специјализиран за рана камерна музика, а во која членуваат поранешни студенти на Кралскиот Конзерваториум, сега познати музичари: Лилија Славни на виолина, Бени Агаси на фагот и рекордер, Џошуа Читам на виола да гамба и Диего Надра на обоа. Ансамблот има настапувано на разни фестивали, меѓу другото , во Франција , Португалија и Исланд. Во 2021 година ансамблот гостуваше и во официјалната програма на Охридско лето во Македонија. Заедно со повеќе реномирани холандски чембалисти, Цветанка е почестена да биде дел од ЦД проектот “Холандска чембалска школа”, кое е всушност омаж кон врвниот и светски признат холандски чембалист Густав Леонхард. Цветанка моментално живее и работи во Хаг, Холандија како изведувач, професор по пијано и чембало и хорски диригент. Таа е корепетитор на Катедрата за рана музика на Конзерваториумот во Утрехт од 2006 до 2016 година. Цветанка предава чембало во музичкото училиште во Утрехт ДУМС, и во истото е и координатор на програмата за млади таленти „Трајектум“. Повеќе од 20 години предава пијано во регионот на Хаг. Во својата класа има ученици од различни нивоа и возрасти, и меѓу другото, предава во училишта како што се Британското Училиште и Меѓународното Училиште во Хаг. Како хорски диригент работи со повеќе хорови со различни музички интереси и афинитети.

Skip to content