Фелисиен Брут

Роден во Оверњ во 1986 година, Фелисиeн Брут ја открива хармониката уште во најраната возраст, преку светот на танцот. Со формалното музичко образование започнува на шестгодишна возраст, а во 1997 година се запишува на CNIMA (Национален и меѓународен центар за музика и хармоника), каде што учи кај истакнати професори. Во 2007 година освојува три од најпрестижните меѓународни награди за хармоника – Кастелфидардо, Клингентал и Светскиот трофеј за хармоника. По натамошното усовршување во Бордо, Брут започнува педагошка кариера, но пресвртница претставува средбата со Ричард Галијано во 2016 година, кој го охрабрува да ги спои модерната и класичната традиција. Така настанува проектот Le Pari des Bretelles (2017), реализиран со квартетот „Ермес“ и контрабасистот Едуар Макараз, кој доживува голем меѓународен успех и го насочува кон солистичка кариера. Брут настапува на реномирани фестивали и со водечки оркестри во Франција и Европа, а неговиот репертоар ги надминува жанровските граници – од класика и камерна музика до современи дела создадени специјално за него. Активно соработува со современи композитори и има нарачано и премиерно изведено бројни нови дела за хармоника, во камерни и оркестарски состави. Од 2021 година е водител на авторската емисија Brut d’accordéon на France Musique, а во 2022 година потпишува ексклузивен договор со издавачката куќа Erato/Warner Classics – прв хармоникаш со таков ангажман. Неговиот албум J’ai deux amours излегува во 2022 година, а следниот, во дует со гитаристот Тибо Гарсија, во 2024 година.        

Skip to content