Татиана Колева

Татиана Колева, која критиката ја препознава како виртуоз и иновативна уметница перкусионистка, досега премиерно извела повеќе од сто дела напишани специјално за неа како солист и за нејзините проекти со поголеми ансамбли. Родена е во Бугарија, а моментално живее во Холандија, каде што ја комбинира својата интензивна концертна агенда со едукативните активности, меѓу кои и работата како професор на Конзерваториумот во Гронинген. Таа е основач и уметнички директор на формацијата „Youth Percussion Pool“ – едукативна и изведувачка платформа за млади професионалци и на биеналниот фестивал „Амстердам маримба викенд“. Татиана Колева настапувала како солистка на најзначајните музички сцени во Европа, САД, Канада, Јапонија, Бразил, Јордан, Мексико, каде настапувала со водечки оркестри и диригенти. Редовно настапува и во проекти на камерни ансамбли и театарски групи – меѓу кои и со органистот Јан Хаге, флејтистката Елeоноре Пејмајер, како и со џез-саксофонистот Руџер ван Отерло. Покрај нејзините активности како класичен музичар, таа често е дел и од т.н. „кросовер проекти“, во кои импровизира со различни жанрови: џез, рок, филмска и театарска музика. Член е и на познатиот холандски бенд „Рубатонг“. Снимала за нејзината издавачка куќа „НоваЛиниа рекордс“, за „Дека“, „Атака“, „Верго“... Добитничка е на повеќе интернационални награди. Во 2010 година ја добива престижната награда „Музичар на годината“ што ја доделува Бугарското национално радио, а за нејзиниот проект/платформа/ансамбл „Youth Percussion Pool“ ја доби наградата „Ансамбл на годината“. Добитничка е и на „Златен медал“ – специјална награда на натпреварот „Менхетен мјузик“, во 2019 година. Во 2017 година го издава својот албум „Songs for Marimba“, а во моментот со својот „Youth Percussion Pool“ е на турнеја на која го презентираат своето ново шоу „Како да свириш на триангл“ – програма со нови композиции и специјален аранжман за перкусии на „Приказна од западната страна“ на Леонард Бернштајн.

Skip to content