Сојанг Јун

Изведбите на виолинистката Сојанг Јун, која е една од водечките виолинисти и камерни музичари на својата генерација, се опишани од критиката како: „високо дисциплинирани“ („Грамофон“), „техничка совршеност која секогаш е во служба на музиката“ („Гардијан“). Сојанг е добитник на прва награда на престижните натпревари „Јехуди Мењухин“ и „Хенрик Виењавски“, како и сребрен медал на натпреварот во Индијанаполис.
Како солист Сојанг настапува со водечки оркестри како: Германската филхармонија на Бремен, Оркестарот на Елбфилхармонијата, Рускиот национален оркестар, Кралскиот филхармониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Берн, Симфонискиот оркестар на Трондхајм, Камерниот оркестар на Цирих итн., соработувајќи со музичари како: Кшиштоф Пендерецки, Ивор Болтон, Кшиштоф Урбански, Мухаи Танг, Максим Венгеров и Михал Нестерович. Оваа година таа исто така ќе настапи во Карнеги Хол во Њујорк, берлинскиот Концертхаус, како и со Симфонискиот оркестар на Сингапур и на турнеја низ Германија со Прашката филхармонија.
Во соработка со Кореанскиот камерен оркестар, Сојанг има издадено носач на звук со „Годишните времиња“ на Пијацола и Концертот за виолина и оркестар од Феликс Менделсон, при тоа настапувајќи со оркестарот на турнеја низ Азија, Европа и Северна Америка. Во 2012 година, таа заедно со Бенџамин Грегор-Смит го освнова триото „Орион“, со кое ја добиваат правата награда и наградата од публиката на натпреварот за камерна музика во Цирих – „Мигрос Културпроцент“. Оваа концертна сезона триото настапува во „Вигмор Хол“ во Лондон, „Тонхале“ во Цирих, како и во бројни концертни сали во Штутгарт, Единбург, Белфаст, Манчестер...
Сојанг живее во Базел и Сеул, а се образувала на Националниот универзитет за уметност во Сеул со Захар Брон, на Универзитетот за музика и танц во Келн и на Универзитетот за уметности во Цирих. Таа свири на виолина изработена од Џ. Б. Гвадањини во 1773 година, позната и како „Бикебург“.

Skip to content