Сихана Бадивуку-Хоџа

Виолинистката Сихана Бадивуку-Хоџа (1967) се смета за една од најпрефинетите музички уметници од т.н. средна генерација. Потекнува од музичко семејство и со музиката се среќава уште на млади години. По средното музичко училиште во Приштина, образованието го стекнува на престижниот Конзерваториум „Петар Илич Чајковски“, најпрвин во Киев, а потоа и во Москва каде што дипломирала со проф. Евгенија Чугајева, и завршила постдипломски студии по виолина. Потоа добива стипендија и заминува на "Hochshule furMusic" во Детмолд, Германија, во класата на проф. Јанг Учк Ким. Сихана Бадивуку кариерата ја продолжува на меѓународните концертни подиуми, а паралелна преокупација се нејзините мастер класи кај видни уметници и педагози, како и учествата на престижни меѓународни натпревари во земјава и во светот. Во 1994 година посетува курс во Сиена (Италија) на „Academia Chigiana“ со проф. Уто Уги, а има учествувано на меѓународни натпревари за виолина (J.S.Bachво Лајпциг и R. Lipizer во Гориција, (диплома како полу-финалист), Ј. Szigetiво Будимпешта итн. Има учествувано на неколку меѓународни фестивали во земјава, во Албанија, Италија, Бугарија, Словенија... Солистичките и камерните настапи за Бадивуку се силна мотивација, а позитивните критики од стручната јавност и од публиката ја ставаат на висока позиција во музичкиот свет. Има одржано концерти во Косово, Македонија, Албанија, Бугарија, Германија, Италија, Русија, Финска, Ирска, Шпанија, Словенија, Белгија и САД. Нејзиното огромно искуство годиниве наназад го пренесува на нејзините ученици кои го продолжуваат нејзиниот успешен уметнички пат. Од 1992 година е професор на Факултетот за уметности во Приштина, од 2000-та концерт-мајстор на Косовската филхармонија, виолинист во ансамблите „Вивенди“, „Музика Балканика“ и „Стринг трио Косово“  и има настапувано со истакнати уметници во камерни ансамбли, меѓу нив и Павел Верников, Дерек Хан, Метју Барли, Пјерлуиџи Камичиа, Франческо де Жан, Бертран Гиро итн. Има активна професионална соработка со пијанистите: Лејла Пула, Теута Плана, Мери Стоилкова, Зана Бадивуку, Јоуни Сомеро, Маја Кастратовиќ и Дерек Хан. Во 2011 година, Сихана Бадивуку го објавува цеде-то „Брамс сонати“ со пијанистот Јоуни Сомеро во Финска. Дел е од дуото со Маја Кастратовиќ со која имаат активна професионална соработка од 1994 па се до денес.

Skip to content