Симон Трпчески

Македонскиот пијанист Симон Трпчески се етаблира како еден од најзначајните музички уметници во последните години, почитуван не само поради беспрекорната техника и деликатната експресија, туку и поради неговата топла личност и заложбата за зајакнување на културниот имиџ на Македонија. Често настапува како солист во Велика Британија со оркестарите во Лондон и Бирмингем, со оркестарот Хале, со Кралскиот оркестар на Ливерпул, но постојано е ангажиран и како солист со Кралскиот Концертгебау оркестар во Амстердам, со Рускиот национален оркестар и оркестарот на „Баљшој“ театарот во Москва, со НДР Симфонискиот оркестар од Хамбург, Германскиот симфониски и Радио-симфонискиот оркестар на Берлин, со WDR Симфонискиот оркестар на Келн, Радио-симфонискиот оркестар на Лајпциг, оркестарот Тонкунстлер во Виена, оркестрите на Ротердам, Стразбур, Кралскиот филхармониски оркестар на Стокхолм, како и филхармониите на Санкт Петербург, Њујорк, Лос Анџелес, Сан Франциско, Чикаго, оркестрите на Балтимор...
Симон Трпчески досега соработувал и со врвни диригенти, како Владимир Ашкенази, Густаво Дудамел, Чарлс Дутоа, Владимир Јуровски, Лорин Мазел, Антонио Папано, Василиј Петренко, Робин Тичати, Марин Алсоп и Џанандреа Носеда. Сезоната 2016/17 Трпчески ја почна во Римини како солист со Симфонискиот оркестар на РАИ, пред настапите со Симфонискиот оркестар на Лахти (Финска) и со Холандскиот филхармониски оркестар. Ангажманите на Трпчески во Велика Британија оваа сезона ги вклучуваат концертите со Градскиот симфониски оркестар на Бирмингем, Кралскиот национален оркестар на Шкотска, Лондонскиот симфониски оркестар и Кралската филхармонија на Ливерпул.
На почетокот од 2017-та, се издвојуваат изведбите со оркестрите во Сарасота и Дрезден, додека во април, Трпчески замина за Јужна Америка, пред враќањето во Европа за настапите со Симфонискиот оркестар на Вајмар, Лудвигсбург и Шведскиот камерен оркестар. Сезоната ја завршува во САД како солист со Симфонискиот оркестар на Чикаго. Како врвен рецитален пијанист, Симон Трпчески настапува во големи културни престолнини како Њујорк, Сан Франциско, Вашингтон, Лондон, Париз, Минхен, Прага и Токио.
Македонскиот пијанист добива огромно признание за неговите рецитални снимки за „ЕМИ“. Неговото прво ЦД за оваа куќа (2002) кое содржи дела од Чајковски, Скрјабин, Стравински и Прокофјев, ги доби наградите на „Грамофон“ - „Избор на уредникот“ и „Деби албум“. ЦД-то „Вигмор хол лајв“, пак, веднаш беше прогласено од страна на „Телеграф“ за „Класично ЦД на неделата“ (2012). Во 2010/2011 на две ЦД-а, Трпчески ги сними сите четири концерти за пијано од Рахмањинов со Василиј Петренко и Кралскиот филхармониски оркестар на Ливерпул, за компанијата„Ави“. И двете изданија беа признати од „Грамофон“, Класик ФМ и „Дијапазон Д’Ор“. Неговите последни изданија ги содржат Концертите за пијано бр. 1 и бр. 2 од Чајковски, повторно со маестро Петренко и КФО на Ливерпул (2014) објавени под капата на „Оникс Класикс“, како и снимката од рециталот во „Вигмор хол“ со дела од Брамс, Равел и Пуланк (2016). Со посебна поддршка на „КултурОп“, една од водечките културни организации и Министерството за култура на Македонија, Трпчески редовно работи со млади музички уметници од Македонија. Во 2011 година, тој стана првиот добитник на титулата „Национален уметник на Република Македонија“.

Skip to content