Саша Николовски - Ѓумар

Роден во Битола во 1966 година, Саша Николовски е еден од најдобрите македонски диригенти. По завршувањето на средното образование се запишува на Електро-техничкиот факултет во Скопје, но го напушта за да се занимава со музика. Се запишува на Факултетот за музичка уметност на отсекот за музичка теорија и педагогија и дипломира како најдобар студент на генерацијата. За време на овие студии, се запишува и на отсекот за композиција и диригирање, од кој дипломира со највисоки почести, диригирајќи ја Вердиевата опера „Травијата“ во Македонската опера и балет. За време на студиите работи како диригент со Хорот и Оркестарот на Факултетот за музичка уметност, Симфонискиот оркестар на РТ Сараево и академскиот хор „Мирче Ацев“. По дипломирањето волонтира во Македонската филхармонија и асистира на диригентите Ванчо Чавдарски и Александар Лековски во МОБ.
Од 1993 Саша Николовски е музички директор на Летниот музички камп на Музичката младина на Македонија и е шеф–диригент на Младинскиот камерен оркестар, диригирајќи бројни изведби на „Охридско лето“ и „Скопско лето“. Во 1995 настапува со Младинскиот камерен оркестар во Будимпешта на прославата по повод 50-годишнината на Светската федерација на Музичка младина. Истата година го формира оркестарот за современа музика „Синтезис“. Николовски продолжува да се надоградува на конзерваториумот „Николај Римски-Корсаков“ во Санкт Петербург во класите на истакнатите професори Илја Мусин и Михаил Кукушкин, добивајќи можност да соработува со диригенти како Јури Темирканов и Валериј Гергиев.
По неговите студии во Русија, во 1996 започнува редовна соработка со Хорот и Оркестарот на ФМУ во Скопје, Младинскиот камерен оркестар на Музичка младина на Македонија, Македонската опера и балет, Македонската филхармонија, Македонскиот камерен оркестар и ансамблот „АЛЕА“, настапувајќи на Охридско лето, Хераклејски вечери, Мајски оперски вечери, Прилепско лето и Штипско лето. Во 1999 магистрира со највисоки оцени на Академијата „Панчо Владигеров“ во Софија, каде што учи оркестарско диригирање со Васил Казанџиев и оперско диригирање со Боби Хинчев. За неговата работа со ансамблот за современа музика „Св. Софија“, во 2001 година е добитник на наградата „Георги Божиков“ за најдобра изведба на фестивалот „Денови на македонска музика“. Саша Николовски настапува во Унгарија, Романија, Бугарија, Австрија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора.
Од 1998 на Факултетот за музичка уметност предава хорско и оркестарско диригирање, Оперско студио и група предмети од областа на диригирањето.

Skip to content