Роберт Лакатош

„Идеален солист со раскошен, самоуверен тон, кој во секој момент настојува да ја импресионира публиката со виртуозност“ (П. Конорс, Бахтрак). Критиката не штеди зборови кога станува збор за изведбата на виолинистот Роберт Лакатош, добитник на првата награда на престижниот Интернационален виолински натпревар во Памплона, Шпанија, во 2015 година. Овој млад уметник претходно ја освои првата награда на натпреварот „Мери Смит“ во Њујорк, 2013 година, како и престижната награда на натпреварот „Андреа Постакини“ во Италија. Овие успеси му ја отворија вратата на неговата интернационална кариера на реномираните музички сцени во светот. Роберт Лакатош настапувал со симфониските оркестри на Малага, Мадрид, Гетинген, Краков, Монтре, Цирих, Истанбул, Љубљана, Нови Сад, како и со Белградската филхармонија. Соработувал со еминентни диригенти на денешнината како Габриел Фелц, Урош Лајовиц, Џејмс Џад, Мануел Хернандез-Силва, Фабио Мекети, Николас Милтон, Лиор Шамбадал, Антони Вит, Филип Гринберг, Александар Марковиќ и други. Роберт Лакатош е роден во Нови Сад, во 1991 година. Израснал во музичко семејство, а ментор му бил неговиот татко Имре Лакатош. Подоцна дипломирал во класата на проф. Дејан Михајловиќ, на Академијата за уметност во Нови Сад. Студиите ги продолжува на Универзитетот за уметност во Цирих, истовремено се усовршува кај врвни уметници како A. Росенд, Џ. Рахлин, Р. Симовиќ и Р. Коелман. Овие искуства му обезбедија траен уметнички квалитет што го развива занимавајќи се истовремено со концертни и со педагошки активности. Роберт Лакатош моментално работи како професор по виолина на Академијата за уметност во Нови Сад, како и на Факултетот за музичка уметност во Белград. Од 2018 година е уметнички раководител на Камерниот гудачки ансамбл „Роберт Лакатош“, составен од млади музичари, чија цел е да ги промовира младите виртуози на виолина. Добитник е на наградата „Искра на културата“ во 2017 година, признание кое Заводот за култура на Војводина го доделува за современо творештво на млади уметници до 35 години. Роберт свири на виолина „антонио страдивари“ од 1709 година, од приватната колекција на познатиот мајстор Владимир Радосављевиќ. „Имав големо задоволство да соработувам со Роберт Лакатош додека беше мој студент на Циришкиот универзитет за уметност во Швајцарија. Роберт Лакатош често покажува беспрекорна техника и многу емотивна музикалност. Сметам дека Лакатош е еден од најперспективните виолинисти на својата генерација.“ (Рудолф Коелман) „Роберт Лакатош е исклучителен виолинист чија техника и темперамент се гаранција за незаборавно музицирање.“ (Арон Росанд) „Тој е еден од најперспективните млади уметници на својата генерација и неговиот начин на музицирање е во стилот на старата традиција на свирење виолина.“ (Џулијан Рахлин)

Skip to content