Рикардо Касеро

Рикардо Касеро е музичар кој аналитички му приоѓа на делото и на подиумот носи длабоко знаење, но, исто така, и интуиција која произлегува од неговата интензивна и плодна кариера“, ќе напише критиката за шпанскиот маестро Рикардо Касеро, кој е музички директор на Оркестарот Реино де Арагон во Шпанија, каде што соработува со солисти како шт се Максим Венгеров, Сара Ченг и Наталија Гутман. Од 2007 година, тој е шеф-диригент и музички директор на Мастер симфонискиот оркестар, а постојано соработува со Оркестарот Валенсија, кој концертира во Палатата на уметностите на кралицата Софија и активно диригира со речиси сите оркестри во Шпанија, како и со оркестри во Израел и во Франција, остварувајќи блиски соработки со врвни композиторски имиња, меѓу нив и со Марк Ишам, Тревор Морис, Кристофер Јанг, Акира Јамаока... Неговите следни ангажмани ги вклучуваат и соработките со Националната филхармонија на Украина, Шведскиот дувачки ансамбл, Националниот оркестар на Шпанија, Билбао симфониски оркестар... За време на неговата речиси тридецениска кариера како тромбонист, оркестарски музичар и солист (подоцна го реализира сонот да стане диригент), тој соработувал со значајни диригентски имиња како што се Леонард Бернштајн, Даниел Хардинг, Клаудио Абадо, Зубин Мехта, Лорин Мазел, Рикардо Чаили, Валери Гергиев... Инаку, тој влезе во Гинисовата книга на рекорди во 2012 година за изведување и снимање на 235 дела за оркестар, за саундтракот за видеоиграта „Lords of Shadow“. Маестро Касеро дипломира со сите почести од страна на институциите во Шпанија, но и во САД (на Универзитетот во Индијана), Велика Британија (на Гилдхол школата за музика) и Шведска (на Умеа). Исто така, добитник е на стипендијата Грант Фулбрајт за студии на Универзитетот во Индијана, каде што дипломирал на отсекот за тромбон. Во едно интервју вели дека тромбонот го засакал уште кога бил мал. Неговата мајка имала продавница за играчки во неговиот роден град Валенсија, нешто што за него претставувало рај и, како што ќе каже, се чувствувал како во филмовите на Волт Дизни. За Божик, му донеле играчка тромбон. „Бев повеќе од изненаден. Тоа за мене беше најубавата играчка, која ме пленеше. Морав да почекам неколку години за да добијам вистински тромбон“, ќе каже маестро Касеро, кој подоцна го реализирал и неговиот втор сон – диригирањето.

Skip to content