ПИЈАНО ДУО

Мимоза Ќека и Јована Трајчева остваруваат бројни рецитали низ државата и во странство. Во 2022 година одржаа самостоен пијано-дуо рецитал во Конзерваториумот Јана Дејла во Прага, настапуваат и на фестивалите Concerti del Tempietto и Les Dimanches Musicaux во Рим и Париз, како и за СОС Детско Село Скопје со целовечерен рецитал насловен Есенска Бајка. Во 2019 година го одржаа првиот концерт од низата концерти со наслов Празнична Рапсодија, одржани во камерната сала на Филхармонија.   Јована Трајчева своето основно музичко образование го завршува во класата на реномираниот педагог проф. Људмила Романова во ДМБУЦ ,,Илија Николовски Луј''. Во 2015 година дипломира, a во 2017 магистрира на Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Нина Костова. Бележи успешни настапи на фестивалите Охридско лето, Скопско лето, Денови на македонска музика, Musica Viva, Есенски музички свечености. Има одржано повеќе солистички рецитали во градови низ земјата, а како позначаен ќе се спомене рециталот во црквата Св. Софија во Охрид 2017 година. Пијанистката Трајчева настапува на фестивали во Рим, Ибица, Милано, како и во Cite des Arts во Париз, а настапува и со оркестарот на Македонската Филхармонија под диригентската палка на Ле Фи Фи. Јована Трајчева е наставник по пијано во ДМБУЦ ,,Илија Николовски Луј''. Пијанистката Мимоза Ќека, се истакнува како рециталист и камерен музичар со своите бројни концерти во земјата и странство. Дипломира на Факултетот за музичка уметност – Скопје во класата на проф. м-р Тодор Светиев, магистрира под менторство на проф. Лилија Зилберштајн, a во 2021 година се стекнува со титулата Доктор по музичка уметност. Мимоза настапува во многу европски градови вклучувајќи ги Париз, Рим, Бристол, Милано, Трст, Сиена, Прага, настапува на музичките фестивали Siena Summer Festival, Интернационалниот Фестивал на Франкофонијата Soleil, Златна Лира, Есенски Музички Свечености. Во 2022 го објавува соло албумот Non-Fungible и одржува солистички рецитал во Gallery MC, Њујорк, САД. Мимоза има соработувано со истакнати диригенти како Саша Николовски-Ѓумар, под чија диригентска палка го изведува Концертот за пијано бр. 2 од Камиј Сен-Санс, а се приклучува и на Ансамблот за современа музика ConTempora. Во 2019 година учествува во европскиот музички проект TEME  во Трст и Камерино, Италија, дел од програмата Music Moves Europe.  

Skip to content