Николас Алтштед

Познат во светот на класичната музика како еден од најголемите виртуози денес, германско-францускиот виолончелист Николас Алтштед е и еден од најбараните уметници. Како солист, но и како диригент, тој постојано ја освојува публиката изведувајќи дела од периодот на барокот, па сè до современите творби. Во почетокот на сезоната 2017/2018 година, Алтштед премиерно го изведе новиот Концерт за виолончело на врвниот фински композитор Еса-Пека Салонен на фестивалот во Хелсинки, под диригентство на самиот композитор. Тој е уметник во фокусот на Концертгебау (17/18) и резидентен артист во престижната Елбфилхармонија во Хамбург (18/19), каде што настапи со диригентите Кшиштоф Урбански, Хану Линту и Кристоф Ешенбах. Неговите понатамошни ангажмани ги вклучуваат и дебијата со Симфонискиот оркестар на Детроит, со Симфонискиот оркестар Јомиури Нипон во „Сантори хол“, Финскиот радио-симфониски оркестар, Хелсиншката филхармонија, Концертхаус оркестарот во Берлин со маестро Јурај Валчуха, Националниот оркестар на Белгија... Награден од Кредит Свис за Млад уметник во 2010, Алтштед е запаметен од јавноста по неговата врвна изведба на Концертот од Шуман со Виенската филхармонија, под диригентство на Густаво Дудамел на фестивалот во Луцерн. Оттогаш настапува со оркестри како што се „Тонхале“ во Цирих, Финскиот радио-симфониски оркестар, Чешката филхармонија, Симфонискиот оркестар „Чајковски“, Симфониските оркестри во Токио, Мелбурн и Нов Зеланд, со диригенти како што се Сер Роџер Норингтон, Лахав Шани, Владимир Ашкенази, Сер Невил Маринер, Владимир Федосеев, Фабиен Габел, Џовани Антонини, Андреја Маркон, Александар Шели... Николас Алтштед постојано настапува и како рецитален уметник, соло или заедно со врвните пијанисти Фазил Сај (со кого годинава издаде ЦД) и Александар Маџар, на турнеи низ Европа, САД и Австралија, но и како камерен музичар. Во 2012 година, беше избран од страна на истакнатиот виолинист Гидон Кремер да стане негов наследник – нов уметнички директор на Фестивалот на камерна музика во Локенхаус, а во 2014 година диригентот Адам Фишер ќе му понуди да ги следи неговите стапки, како уметнички директор на Хајдн филхармонија. Неговото најново ЦД со концерти од Карл Филип Емануел Бах издадено за „Хајперион“ ја доби наградата на музичкиот магазин на Би-Би-Си (2017), а неговите претходни снимки на концертите за виолончело од Хајдн, Шуман, Лигети, Шостакович и Вајнберг се високо оценети од страна на критиката во светот. Свири на виолончело изработено од Џулио Чезаре Џиљи во 1760 година. Алтштед постојано изведува премиерни дела од современи композитори.

Skip to content