Моника Лесковар
Хрватската виолончелистка МоникаЛесковар (Кројцтал, Германија, 1981) почнала да свири виолончело на шестгодишна возраст во класата на Добрила Берковиќ Магдалениќ, во Загреб. На 13 години го привлекла вниманието на јавноста кога ја освоила првата награда на Меѓународниот натпревар „Чајковски“ во Сендаи, Јапонија, во 1995 година. Во Загреб била и ученичка на Валтер Дешпаљ, пред да ги продолжи студиите во Германија, каде што добила диплома и завршила постдипломски студии во класата на Давид Герингас на „Hochschule für Musik Hanns Eisler“ во Берлин. Во 2006 година станала негова асистентка во истото училиште. Моника Лесковар посетувала мастер часови кај Мстислав Ростропович и Бернард Гринхаус. Била победник на многу меѓународни натпревари, како ARD во Минхен (2001), „Мстислав Ростропович“ во Париз, „Роберто Каруана“ во Милано (1999) и „Адам“ во Нов Зеланд (2003). Како солистка настапувала со значајни оркестри, под диригентската палка на имиња како Валериј Гергиев, Томас Хенгелброк, Кшиштоф Пендерецки..., а е и честа гостинка на престижни фестивали низ светот. Лесковар редовно настапува во камерни проекти, соработувајќи со интернационални уметници, вклучувајќи ги и Ивана Шварц Генда, Борис Березовски, Софија Губајдулина, Јуриј Башмет, Џулијан Рахлин, Стефан Миленковиќ, Миша Мајски, Итамар Голан, Гидон Кремер, Марио Брунело, Пати Смит, Јанин Јансен и други. Во сезоната 2010/2011, била прва виолончелистка во Минхенската филхармонија. Од 2012 година предава на Конзерваториумот „Звицера Италијана“ во Лугано, а од 2017 година е доцент на Музичката академија при Универзитетот во Загреб. Свири на виолончело изработено од италијанскиот мајстор Мантегаце од 1765 година, дадено на заем од Академијата „Кронберг“. Свири и на виолончело од неаполскиот мајстор Винченцо Постиљоне од 1884 година, кое ѝ било доверено на користење од Градот Загреб и Загрепската филхармонија.
Назад
