Милан Силјанов

Бас-баритонот Милан Силјанов моментно е член на оперското студио во Баварската државна опера во Минхен, а веќе од следната сезона ќе стане редовен член на солистичкиот ансамбл на оваа престижна германска оперска куќа. Студирал на познатата „Гилдхол“ школа за музика и драма во Лондон, на отсекот опера под менторство на проф. Рудолф Пјерне. Победник е на престижниот Интернационален натпревар за соло песна во Лондон (2015) организиран од  „Вигмор Хол“, додека во 2014 година, Силјанов ги освоил и двете награди- прва награда и награда од публиката на 50-от Меѓународен вокален натпревар во Хертогенбош, Холандија.
Соработува со светски познатите диригенти Кирил Петренко, Константинос Карјадис, Инго Мецмахер, Дан Етингер и др.  Неговите неодамнешни настапи ги вклучуваат улогите: Лепорело во „Дон Џовани“ од Моцарт на Фестивал во Вербие во Швајцарија, каде што му е доделена наградата „Ив Патерно“ за најистакнат уметник во рамките на Академијата, Антонио во Моцартовата „Свадбата на Фигаро“, и Петер Бесендиндер во „Јованче и Марика“ од Хумпердинк –двете во Операта во Минхен.  За неговата улога на Арлекино во операта „Љубопитни жени“ на Волф-Ферари критиката ќе каже: „Милан Силјанов прекрасно и атрактивно го испеа Арлекино...“. Во сезоната која следи Милан Силјанов ќе настапи со Камерниот оркестар на Лозана во Бетовеновата Симфонија бр. 9,  ќе биде солист во „Нелсон миса“ од Хајдн со оркестарот во Лион, а под диригентската палка на Валериј Гергиев ќе настапи на фестивалот во Вербие во продукцијата на „Адријана Лекуврер“. Покрај тоа во  Баварската државна опера го очекуваат настапи во „Мадам Батерфлај“, „Саломе“, „Од куќата на мртвите“, „Јованче и Марика“, „Сицилијански  вечери“; „Отело“, „Свадбата на Фигаро“ и „Мајстори пејачи“.

Skip to content