Здравко Ангелов

Здравко Ангелов е македонски кларинетист, роден 1978 година во Струмица. Своето музичко образование го започнува на 7 годишна возраст. Средното образование го продолжува во ДМБУЦ “Илија Николовски-Луј” во Скопје во класата на проф. Стојан Димов, а дипломира 2000год. во класата на проф. Иван Кочаров. Подоцна ги запишува и постдипломските студии и магистрира во 2012 год. во класата на проф. Стојан Димов. Повеќе од 11 години е вработен како прв кларинетист на Македонската Филхармонија. Претходно во неговото работно искуство исто така се вбројува педагошката работа во Државното музичко училиште во Скопје и две годишното искуство како надворешен соработник на Македонската опера и балет. Во текот на својата досегашна музичка кариера се стекнал со бројни признанија и награди како: прва награда во Скопје 1989 и истата година Трета награда во Хeрцег Нови, прва награда со камерен состав – трио во 1992 година, а 2000-тата година ја освојува специјалната награда „Yamaha“. Настапува како солист со симфониски оркестри во нашата држава и надвор од неа и како камерен музичар, а воедно е постојан член на камерниот ансамбл „Консонанс“. Учесник е на значајни фестивали и концерти како „Скопско лето“, „Охридско лето“, „Интерфест-Битола“, „Штипско лето“, „Денови на македонска музика“, „Номус“, „Бемус“, настапува во Црна Гора, Словенија, Србија, Бугарија, Хрватска, Оман, Америка. Исклучителната музикалност и посветеност на Ангелов е препознаена од многу светски имиња кои сведочат за прекрасната атмосфера која тој ја создава музицирајќи. Настапува под палката на исклучителни диригенти како Борјан Цанев, Саша Николовски-Ѓумар, Даниел Рајскин, Урош Лајовиц, Јерухам Шаровски, Владимир Ашкенази, Јануш Пшибилски, Антон Нанут, Пол Меер, Емил Табаков и многу други светски познати диригенти.

Skip to content