Елена Атанасовска - Ивановска

Елена Атанасовска-Ивановска е една од најуспешните и најафирмирани пијанисти во Македонија, која активно учествува во музичкиот живот во земјава, но и надвор од неа. Основното и средното музичко образование го завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во класата на проф. Лепа Мрмевска. Дипломира со највисока оцена CUM LAUDE на Факултеттот за музичк­а уметност во Скопје во класата на еминентниот проф. Борис Романов. Во 2005 година завршува постдипломски студии во класата на истиот професор.
Во текот на музичкото образование се здобива со награди на државни и меѓународни натпревари. Повеќе први награди на републичко ниво, I награда на меѓународниот натпревар „Златен Лист“ во категорија на дуо состав во Сан Бартоломео, Италија (1996), II награда на истиот натпревар во категорија соло пијано (1996), II награда на натпреварот „Музиката и земјата“ во категорија на камерни состави, Софија, Р. Бугарија (1996), III награда на Шопеновиот натпревар во Нови Сад, Србија (1997).
Учествувала на пијано семинари кај проф. А. Валдма, проф. Ј. Михајловиќ, проф. М. Молова, проф. Н. Макарова, проф. Љ. Рошчина, проф. С. Доренски, проф. А. Бондурјански, но најплодна и најуспешна е соработката со проф. Борис Романов, во чија класа ги продолжува студиите по пијано. Во 1997 год. учествува на летниот музички семинар „Нови имиња“ во Суздаљ, Русија, каде што има забележителен настап на концертот на најуспешни семинаристи. Во 2003 година добива награда за најдобар студент од фондацијата „Франк Манинг“. Повеќепати имала соло настапи  со Македонската Филхармонија и Камерниот оркестар на Музичката Младина на Македонија.
Бројни се концертите во рамките на домашните реномирани фестивали „Охридско лето“, „Скопско Лето“, „Есенски музички свечености“, „Денови на Македонска музика“, „Битолско лето“, „Гевгелиска есен“, но и фестивали надвор од земјава, како, „Сараевска Зима“ – Босна и Херцеговина (2006год. полурецитал и пијано соработник на Елена Настеска – сопран), „Festival de Musica do palacio da Bolsa“ - Португалија, (2009год. со Гордана јосифова – Неделковска – обоа, каде  настапи и со солистичко дело), „Festival de Musica de Sant Pere de Rodes“ – Шпанија (2009 год, каде покрај пијано соработник на Гордана Јосифова – Неделковска - обоа, исто имаше и солистичко дело),  „Guarnerius, Centar lepih umetnosti Jovana Kolundzije“ (2013 год. со Гордана Јосифова – Неделковска – обоа), „Carniarmonie“ (2014 год. со Гордана Јосифова – Неделковска – обоа).
Со рецитали, полурецитали и како пијано соработник настапувала во Грција, Република Србија, Бугарија, Америка, Шпанија, Италија, Португалија, Босна и Херцеговина, Косово. Активно соработува со неколку уметници од замјава, како пијано дуото со една од најафирмираните пијанисти, Марија Ѓошевска, проф. Гордана Јосифова Неделковска- обоа, Горан Начевски-баритон, Ристо Ѓоревски- кларинет и други.
Има снимено аудио запис на „Соната за две пијана“ од Т. Зографски, која се најде на ЦД- то на Марија Ѓошевска, а во процес е монтажата на ЦД- то на Ристо Ѓоревски – кларинет, каде се јавува како пијано соработник.
Како поддржувач на младите честопати се јавува како пијано соработник на многубројни магистерски и докторски испити во рамките на ФМУ. Бројни се поканите и од музичката академија во Приштина, каде зема учество на годишните испити за дувачки инструменти. Соработувала со Македонската Филхармонија како нејзин надворешен пијанист, како и со оркестарот за филмска музика F.A.M.E.S.
Во моментов работи како уметнички соработник на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Skip to content