ДЕЈАН ГАВРИЌ - ФЛЕЈТА

Дејан Гавриќ, флејта Дејан Гавриќ е роден во Белград, во 1966 година. Започнал да свири флејта на 11 години, а својот прв концерт го имал само една година подоцна. Од 1984 до 1988 година студира на Факултетот за музичка уметност во Белград. Откако ќе добие стипендија за студии во Есен, станува студент во класата на професор Матијас Рутерс. Дипломира на тамошната академија во 1991 година. Како студент ја добива првата награда на универзитетот Фолкванг во Есен, како и престижната награда на универзитетот во Есен за неговите уметнички достигнувања. Откако ги завршува постдипломските студии на истиот универзитет во Есен, тој станува и професор. Добитник е на повеќе интернационални награди, меѓу кои и на „Марија Касалс“ во Барселона и „Леонардо де Лоренцо“ во Вијаџо, Италија. За време на студиите во Белград, настапува како солист со Белградската филхармонија и со оркестарот на Белградската радио и телевизија. Настапувал на БЕМУС, на музички фестивали во Хрватска, но и како солист и член на камерни ансамбли во Англија, Франција, Шпанија, Австрија, Италија, Германија, Јапонија, САД. Работел како прв флејтист во Филхармонискиот оркестар на театарот во Есен, во Новата филхармонија на Вестфалија, во Филхармонискиот оркестар во Грац. Од 2002 година Дејан Гавриќ е вработен како професор по флејта на Високата школа за музика во Мајнц.

Skip to content