ГОРДАНА ЈОСИФОВА - НЕДЕЛКОВСКА

„Енио Мориконе беше воодушевен од настапот на обоистката Гордана Јосифова-Неделковска, која е селектор на музичката програма на фестивалот: Ме смири нејзиното свирење. Толку е внимателна, елоквентна и прецизна во изразот што веднаш ме воодушеви кога ја слушнав. Не очекував дека ќе чујам таков настап – рече Мориконе и посака да настапи со неа специјално на отворањето.“ (Дневник, 13.07.2009) Проф. м-р Гордана Јосифова-Неделковска дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во класата на проф. Киро Давидовски, а се усовршува на академијата „Моцарт“ во Варшава, Полска и BANFF центарот за музика и звук во Канада, како нивен стипендист. Добитник е на повеќе награди на државни и меѓународни натпревари. Јосифова-Неделковска како солист настапува со многу значајни оркестри како Симфонискиот оркестар на националната капела на Санкт-Петербург, камерниот оркестар „Музика вива“ под водство на истакнатиот диригент и виолончелист Александар Рудин, Сервантес Филхармонија од Шпанија, oркестарот Кими Синфониета од Финска, оркестарот на Вилах Филхармонија од Австрија, оркестарот на Моравската Филхармонија од Чешка, оркестарот Талин Синфониета од Естонија, Симфонискиот оркестар на Рим, Симфонискиот оркестар на Белград, Гудачкиот камерен оркестар на Словенската филхармонија, камерниот оркестар „Софиски Солисти“, Македонската филхармонија, Македонскиот камерен оркестар, камерниот оркестар „Св. Ѓорѓе“, Оркестар на Авињон-Прованса, Камерен оркестар на Порто Алегре – Бразил, Обединет европски камерен оркестар, итн. Со бројни рецитали има настапувано во Канада, САД, Кина, Бразил, Естонија, Холандија, Франција, Белгија, Шпанија, Португалија, Полска, Италија, Германија, Чешка, Русија, Украина (настап со извонредниот виолинист Најџел Кенеди), Финска, Турција, Грција, Бугарија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Македонија, настапувајќи во сали како престижните: „Верди“ во Милано, Аудиториумот „S. Margherita“ во Венеција, „Botteghino Auditorium conciliazione“ во Рим, „Сметана Хол“ во Прага, итн. Репертоарот на Јосифова-Неделковска опфаќа дела од раниот барок, па се до современото творештво, вклучувајќи и бројни праизведби на дела од современите композитори и голем број на дела од македонски автори. Од големо значење е поканата од страна на легендарниот Енио Мориконе, Гордана Јосифова-Неделковска да настапи заедно со него на свеченото отворање на фестивалот „Охридско Лето“ во 2009 година. По успешното претставување во 2010 на московскиот „Арт Новембер“ фестивал, каде критиката ја претстави како „поетеса на обоа“, Јосифова-Неделковска активно настапува во Русија и тоа на фестивали како Бах Маратонот во 2011 година и Моцарт Маратонот во 2014 година, делејќи ја сцената на најпознатата руска сала, Бољшој Зал, со едни од најистакнатите светски музички имиња: Петер Лаул, Александар Гиндин, Алексеј Володин, Илја Гринголц, Кристофер Тејлор и други. Она што ја прави комплетна нејзината личност се несомнено и нејзините организаторски способности. Во изминатиот период заземала повеќе значајни функции: претседател на Музичката младина на Македонија, шеф на катедрата за дувачки инструменти на Факултетот за музичка уметност, а во два мандата е и продекан на истиот факултет и член на сенатот на УКИМ. Од 2005 година е назначена за претседател на Комисијата за култура на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а исто така со предлог на УКИМ, а по избор од страна на собранието на Република Македонија, е избрана за член на советот на Македонската радио-телевизија во два мандата. Во 2008 година (од страна на тогашниот ректор на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Ѓорѓи Мартиновски) и е доделена плакета во знак на признание, за придонес во афирмација на универзитетот во земјата и странство. Како член е ангажирана и во неколку други одбори, меѓу кои одборoт за доделување на наградата „Св. Климент Охридски“, а од 2014 година член е на одборот за доделување на наградата „Мајка Тереза“. Во периодот 2001-2003 била претседател на Управниот одбор и селектор на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“, а од 2007 – 2016 година е селектор на музичката програма на овој најреномиран фестивал во државата. Нејзиното дејствување е од особено значење за културата во Република Македонија. Таа се има закитено и со многу награди и признанија, меѓу кои е и наградата „13 Ноември“, која ја доби во 2009 година од Град Скопје за високи достигнувања на меѓународната музичка сцена. Во 2014 година се закити и со наградата „Виртуози“ во категоријата меѓународна афирмација. Гордана Јосифова Неделковска, за нејзините достигнувања во промоцијата на уметноста во Македонија, промоцијата на македонската уметност надвор од земјата и поддршката на промоцијата на француската култура во Македонија, е одликувана со престижниот орден на Република Франција - „Витез од Редот на уметности и книжевност“, кој се вбројува во четирите најважни одликувања во Франција. Успешноста на нејзиното делување е потврдена со едно светско признание – имено, во 2004 година од Уредничкиот одбор на Американскиот биографски институт Гордана Јосифова-Неделковска е номинирана во категоријата „Успешни жени на 21 век“. Во публикацијата која содржи биографии и трудови на жените кои се влијателни и креативни во општествениот живот во своите земји, токму таа е избрана меѓу жените во светот, бидејќи со своето делување како уметник и педагог оставила длабоки траги во својата средина. Во текстот на Американскиот биографски институт се наведува дека Гордана Јосифова-Неделковска е една од успешните жени на 21 век, која со својата севкупна активност може да послужи како пример и патоказ за младите генерации. Гордана Јосифова-Неделковска е редовен професор по предметите обоа, камерна музика и методика на наставата на дувачките инструменти на Факултетот за музичка уметност – Скопје. Од учебната 2009/2010 година таа е избрана за декан на овој факултет, а во учебната 2013/2014 година е реизбрана за декан за уште еден мандатен период. Од 15.09.2016 е назначена за Проректор за меѓународна соработка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Skip to content