Горан Начевски

Роден е во Скопје во 1978 г. Средно музичко училиште завршил во ДМБУЦ – Скопје, композиција кај проф. Томе Манчев, а соло пеење кај проф. Ѕвезда Мирчевска. По петгодишните паралелни студии, во 2000 г. магистрирал композиција кај проф. Милан Славицки, а во 2001 г. и соло пеење кај проф. Рене Тучек на Факултетот за Музичка уметност во Прага. Во 2006 на истиот факултет докторирал музичка теорија со специјализација по теорија на композиција. Од неговото творештво изведени се дела во Македонија и во странство (Италија, Прага, Виена, Белград): циклусите за баритон и пијано Балада за времето и Есенска молитва, Гудачко трио, Дувачки квинтет, Фантазија за оргуљи, Господи помилуј за мешан хор, Елегија за гудачи (за која е добитник на престижната чешка награда за композитори Гидеон Клајн), кантатата Како молитва за баритон и симфониски оркестар (1999, изведена во Рудолфинум-Прага), Разговори и фуга за виолина и пијано, Гудачки квартет (2008), Три религиозни соло песни (2009), симфониското дело Решение (2003),”Aurora musis amica est” за баритон и гудачки оркестар (ДММ 2015), „ГГ“ за камерен ансамбл (изведено на ДММ и во Виена во 2013), „Фуга и корал“ за виолончело и пијано, „Пет скици“ за виолина и виолончело 2010 (ДММ 2011) и др. Со успешното деби во март 2006 год. како Шарплес во операта Мадам Батерфлај (со која гостува и на сцената на Операта во Тирана), Начевски ја продолжува својата вокална кариера како солист баритон во Македонската Опера и Балет, и за краток период од три години на истата сцена дебитира во уште 15 главни улоги: Амонасро (Аида), Жермон (Травијата), Гроф Луна (Трубадур), Енрико (Лучија ди Ламермур), Тонио (Палјачи), Алфио (Кавалерија Рустикана), Марчело (Боеми), Тадео (Италијанка во Алжир), Црнољуб (Цар Самуил), Дон Естобан (Џуџето од Землински), Ренато (Бал под маски), Белкоре (Љубовна напивка), Карлос (Моќ на судбината), Силас (Лидија од Македонија), како и баритонското соло во кантатата Кармина Бурана. На 3. март 2010 гостуваше во Хрватско Народно Казалиште - Загреб, како Марчело во операта Боеми на Џ. Пучини. Начевски се посветува и на концертното пеење, а од многубројните настапи се издвојува оној со хорот Рустико на Охридско лето 2006, целовечерниот рецитал во рамките на Есенски Музички Свечености 2006, Концертниот Маратон на Симон Трпчески во 2007, целовечерниот рецитал на Охридско лето 2009, рециталите во Музеј на град Скопје (КИЦ) и на ФМУ Штип во 2011, целовечерен рецитал со дела од композитори на поранешна Југославија на Трибината на композитори во Белград (17.11.2011), рецитал на руска и чешка музика во Музеј на Град Скопје со Т. Огнаноска во 2018 и многу други. Делата на Начевски редовно се изведуваат на фестивалот Денови на македонската музика, а на истиот често настапува и како вокален солист, промовирајќи го македонското вокално музичко творештво. Во 2018 година на сцената на Националната Опера и Балет неговата камерна опера „Помеѓу соништа и летови“ доживува праизведба. Од 2007 год. Начевски работи како асистент, од 2010 како доцент, а од 2020 како редовен професор по предмети од областите теорија на музиката со композиција и соло пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Добитник е на наградата „Златна лира“ за врвни уметнички достигнувања за 2018 година. Во 2021 година учествува во отворањето на новата сезона на Национална Опера во улогата на Тонио во операта Палјачи, како и на отворањето на „Интерфест“ – Битола 2021.

Skip to content