Skip to content

Гонца Богоромова Краповски

  Гонца Богоромова Краповски е уметник која своите достигнувања успешно ги афирмира на домашната и меѓународната концертна сцена како една од најистакнатите вокални уметници од помладата генерација на солисти во нашата земја. Има активна и сестрана кариера како солист, педагог и камерен музичар. Како изведувач, таа остава силен впечаток со обемот на репертоарот кој вбројува дела од периодот на барокот, класицизмот, романтизмот и современата музика на 21 век, и важи за сопран со софистициран уметнички израз и исклучителна вокална техника. Настапува со Македонската филхармонија, Камерниот оркестар од Минхен, оркестарот на Државната опера од Пловдив и оркестарот на Македонската опера и балет. Настапува со исклучителните пијанисти како Милица Шкариќ, Марија, Вршкова, Елена Атанасовска, Милен Станев, Вјара Шуперлиева, Димитри Василакис ... Посветена на концертната дејност, таа е уметник која настапува на сите реномирани фестивали во земјава: „Скопско лето“, „Есенски музички свечености“, „Златна лира“, „ДММ“, а на 61- то издание на фестивалот „Охридско лето“ го остварува своето концертно деби каде заедно со ансамблот „Алтус“ беше изведена светска премиера на дела од композиторскиот опус на Панде Шахов. Со настапите на 62-то и 64-то издание на фестивалот „Охридско лето“, Богоромова се потврдува како уметник со голем афинитет кон современото македонско музичко творештво. Годината 2021 ќе биде забележана и по издавањето на нејзиниот прв аудио запис насловен „Додола“ заедно со пијанистката Марија Вршкова, од концерт посветен на македонските жени композиторки. Како етаблиран вокален уметник, последните неколку години вбројува концерти и уметничка соработка со маестро Симон Трпчески. Активната концертна дејност ја носи на сцените во Словенија, Бугарија, Италија, Австрија. На фестивалот „Les Musicales de Quiberon“ во Киберон, Франција, во 2022 и 2024 година, заедно со пијанистот Димитри Василакис има ислкучителни солистички концерти, високо оценети од критиката и публиката. На домашната оперска сцена дебитира со улогата на Ѕерлина во Mоцартовата „Don Giovanni“, а на меѓународната оперската сцена дебитира со улогата на Магда во операта „La Rondine“ на Пучини, со Државната операта на Стара Загора. Меѓународното концертно деби го остварува на концертна турнеја низ Кина, со „Wien Klang Sinfonietta“ од Виена. Соработува со реномираните диригентите Томислав Шопов, Борјан Цанев, Саша Николовски-Ѓумар, Иван Еминовиќ, Лучано Ди Мартино. Во соработка со Дуо СолиПс, триото Парнасус и Алтус ансамбл, Богоромова премиерно изведува забележителен број на композиции од светски и домашни композитори, а дел од нив и посветени на неа: Панде Шахов - циклуси песни „Песни за љубовта и смртта“ и „Соништа“, Дамјан Темков - циклус на песни „Надеж“ за сопран и виолончело, Бојана Петровиќ Алексова - соло песната „Смртта е син прозорец отворен кон денот“, Герхарт Дајс - соло песната „She Walks in Beauty“. Дипломира на ФМУ во Скопје, во класата на проф. Билјана Ј. Јакимовска. Продолжува да се надградува со исклучителните уметници и педагози со светско реноме Дарина Такова, Красимира Стојанова, Карло Коломбара, Лучана Д’интино и Александрина Пендачанска. Магистрира (2020) на ФМУ - Скопје во класата на доц. м-р Ана Дурловски. Богоромова е вработена во ДМБУЦ „Илија Николовски - Луј“ во Скопје како вокален педагог по соло пеење и камерна музика.   За неа музичката критика ќе напише: „...со особена вокална култура и префинетост во изразот ги изведе ариите на Маргарита од операта „Фауст“ и Микаела од операта „Кармен“. Особено музикално култивирана и истакната психолошка концентрација Богоромова – Краповски оствари во изведбата на композицијата Бдеење на еден од доајените во македонската музичка култура, композиторот Благој Цанев.“ – М. Павловска-Шулајковска   „Многу пати досега сме се увериле во нејзината безпрекорност на сцена, посебно на камерните концерти, но и на рециталите на кои секогаш одново ја фасцинира публиката со својот кристално чист и беспрекорно артикулиран вокал“ – А. Димоска   „Интонативно прецизно, со исклучителна вокална техника која и овозможуваше да ги оживее сите емотивни флексии на Моцартовата арија, Богоромова покажа дека во моментов е концертен вокален уметник кој што, со соодветен одбир на репертоарот, треба далеку да ги надмине границите на Македонија.“ – М. Коловски   „Не' пленеше со неверојатната контрола над својот вокален апарат, со издржаните фрази, лежерноста во звукоизвлекувањата... “ – Б. Костиќ-Марковиќ