Владимир Ашкенази

Диригирањето е главна преокупација на маестро Владимир Ашкенази (1937) во последните 30 години, иако интернационално е познат и како еден од врвните пијанисти. Роден е во Русија, од 1972 година има Исландско државјанство, а од 1978 година живее во Швајцарија. Ашкенази е почесен лауреат диригент на „Филхармонија“ оркестарот од Велика Британија (со седиште во Лондон), кој го одведе на голема турнеја низ Кина (2015), како и на првата турнеја на овој оркестар низ Латинска Америка (2014). Наедно е диригент лауреат и на Симфонискиот оркестар на Исланд, на Јапонскиот симфониски оркестар НХК во Токио, како и гостин шеф-диригент на Оркестарот во Лугано (Швајцарија) . Од 2009 до 2013 беше шеф-диригент и уметнички советник на Симфонискиот оркестар во Сиднеј со кој остварува бројни соработки на значајни студиски снимки, како и големи интернационални турнеи. Неодамна, маестро Ашкенази се повлече од функцијата музички директор на Младинскиот оркестар на Европската унија, позиција на која беше цели 15 успешни години. Постојано одржува силни врски со други големи оркестри, меѓу кои и со оркестрите на Кливленд, Сан Франциско и Германскиот симфониски оркестар од Берлин. Иако е ангажиран како диригент, маестро Ашкенази постојано е посветен и на пијаното, а овие денови најмногу во студио каде што ја продолжува реализацијата на неговиот исклучителен и извонредно богат каталог на снимки. Во пролетта во 2013 година, го објави ексклузивното издание „Ашкенази: 50 години на Дека“ - пакет од 50 ЦД-а, со кое ја прослави долгогодишната соработка со престижната музичка издавачка куќа „Дека класикс“. Во 2014 година, „Дека“ исто така ја објави огромната колекција со музика за пијано од Сергеј Рахмањинов, во која се вклучени сите снимки на Ашкенази како диригент на оркестарската музика на рускиот композитор. Во 2016 година го објави својот најнов албум на кој се сместени Пијано тријата бр. 1 и бр. 2 и Сонатата за виола од Дмитриј Шостакович.

Skip to content