Валентина Лисица

Славната пијанистка Валентина Лисица ја опишуваат како првата „Јутјуб“-ѕвезда на класичната музика и таа е првиот класичен уметник кој својот успех на интернет го претвори во глобална концертна кариера низ Европа, САД, Јужна Америка и Азија. „Бев импресиониран, напати збунет, па дури и изненаден од нејзините жестоки фортисима. Таа, исто така, е и деликатна, чувствителна, флексибилна како изведувач...“ („Вашингтон пост“). Украинската уметница своето музичко образование го започнала во својот роден град Киев во Музичкото училиште за високоталентирани деца „Лисенко“, а го продолжила на тамошниот Конзерваториум. Иако сонувала за кариера како професионален шахист, сепак се одлучила пијаното да биде дел од нејзиниот живот. По имиграцијата во САД, заедно со нејзиниот сопруг почнале да настапуваат како пијано дуо, и тоа резултирало со неколку успеси на пијано-натпревари и со бројни концертни ангажмани. Нејзините неконвенционални настапи потоа се покажале како мошне впечатливи за публиката, а особено нејзините снимки на интернет кои достигнале милионска гледаност. Во сезоната 2017/2018 година, Валентина Лисица реализираше турнеја со Руската државна филхармонија во Велика Британија со концерти во Лондон, Единбург, Кембриџ и Варвик, а настапуваше и како рецитален уметник на турнеја низ Јужна Америка. Постојано е канета да настапува на врвни фестивали на класична музика, а посебен белег ќе остави концертот којшто ќе го одржи следната сезона во чест на кралот на Тајпеј. Нејзините концерти се распродаваат со месеци однапред, а така беше и со нејзиниот настап во „Аудиторио национал“ во Мадрид, каде што заедно со Шпанскиот национален оркестар ги отсвири, во една вечер, сите концерти за пијано и „Рапсодија на тема на Паганини“ од Рахмањинов. Овој настан успеа да ја привлече публиката да остане докрај, а критиката напиша: „Лисица со незапирлива сила емитуваше шармантна музикалност со неверојатна виртуозност... надополнета со фасцинантна физичка издржливост...“ Во 2011 година, таа дебитираше со Симфонискиот оркестар на Бразил и маестро Лорин Мазел, а настапува со престижни симфониски оркестри како што се Чикаго симфонијата, Радио-симфонискиот оркестар на Келн, Филхармонијата на Сеул, Сан Франциско симфонискиот оркестар, Лондонскиот симфониски оркестар, Би-Би-Си оркестарот, „Чајковски“ симфонискиот оркестар, симфониските оркестри на Прага, Хелсинки, Синсинати, Балтимор... со реномирани диригенти како што Пааво Јарви, Владимир Федосеев, Василиј Петренко, Мазел, Кристијан Јарви... Всушност, Лисица го имаше најсилниот меѓународен пробив во 2012 година, по спектакуларниот настап во „Ројал Алберт хол“ пред 8.000 посетители, кога потпиша и ексклузивен договор за издавачката куќа „Дека“. Нејзината дискографија ги содржи концертите на Рахмањинов, како и дела од Шопен, Филип Глас, Лист и Скрјабин, а последното ЦД „Љубовна приказна – пијано-теми од филмската златна ера“ содржи дел од филмската музика од 1920-тите години. Во 2013 година, Лисица дебитираше и со врвната Берлинска филхармонија.

Skip to content