Борис Березовски

Рускиот виртуоз на пијаното Борис Березовски (1969) ужива голема репутација во Европа и светот. Музичката критика едногласна во мислењето дека Березовски во моментов е еден од најмоќните пијанисти кој поседува уникатна техника и сензитивност, кој има специфичен пристап кон пијаното и воопшто кон музиката која што ја изведува. Студиите ги завршува на Конзерваториумот „Чајковски“ во класата на проф. Елисо Вирсаладзе, а приватно се усовршува со Александар Сац. По неговото деби во Лондонскиот „Вигмор Хол“ во 1988 година, реномираниот весник „Тајмс“ го опишува Березовски како „уметник со исклучително ветување и пијанист со занемувачка виртуозност“. По две години, тој ги докажува своите квалитети на престижниот конкурс „Чајковски“ во Москва, каде што ќе му биде доделен Златен медал. Од тогаш настапува со врвни оркестри, меѓу кои и со Њујоршката филхармонија, оркестарот „Филхармонија“ од Лондон, Ротердамската филхармонија, со диригенти како Курт Мазур, Владимир Ашкенази, Михаил Плетњов, Дмитри Китаенко, Антонио Папано, Густаво Дудамел... Со рецитали и како камерен музичар, Борис Березовски настапува редовно на пијано-сериите на Берлинската филхармонија, на пијано-сериите на амстердамскиот „Концертгебау“ и „Ројал Фестивал Хол“ во Лондон, на „Вербие“ фестивалот или „Ла Рок Д‘Антерон“ фестивалот... Березовски соработува со истакнати музичари како Џулијан Рахлин, Мајкл Колинс, Ралф Киршбаум, Борис Пергаменшиков... Зад него се бројни аудио записи со изведба на дела од Шопен, Шуман, Рахмањинов, Балакирев, Равел..., а меѓу нив и носачи на звук кои ги вклучуваат сите концерти за пијано и оркестар на Лудвиг ван Бетовен во изведба на Шведскиот камерен оркестар под диригентство на Томас Даусгард, сите концерти на Сергеј Рахмањинов со диригентот Дмитри Лис, или сите трансцендентални етиди на Франц Лист.

Skip to content