Благој Нацоски

Благој Нацоски е нашиот најпознат тенор во светот. Особен ценет за неговиот префинет стил при изведбите и извонредната музикалност Нацоски во изминатите години бележи огромни успеси во Миланска Скала, Њујорк, Токио, Париз, Парма, Бангкок, Макао, Неапол, Валенсија, како и на светските премиери на оперите „Страв“ каде ја толкува главната улога во Новара и Данте во операта за Данте Алигиери во Пјаченца и Скопје. Кариерата на Нацоски започнува во 2003 со настапот на сцената на Римската Опера (Teatro dell’Opera di Roma), како прв Македонец што воопшто настапил во оваа престижна оперска куќа. Од таму неговата кариера рапидно се шири низ целиот свет, настапувајќи во најпрестижните театри низ целиот свет како «Сан Карло» во Неапол, «Реџо» во Парма, Операта во Каљари, «Верди» во Трст, «Карло Феличе» во Џенова, Операта во Сасари, Цирих Опернхаус, Баварската Државна Опера од Минхен, Операта во Франкфурт, Државната Опера во Штутгарт, Кралската Опера „Ла Моне“ во Брисел, Канадската Опера во Торонто, Операта во Сиетл, Националната Опера во Прага, Операта во Лимож, Гран Театарот во Екс Ан Прованс, Театарот Бунка Каикан во Токио, Сантори Хол во Токио, Рјутопиа Центарот во Ниигата, Национална Опера во Варшава, Градскиот Театар во Клагенфурт, Националната Моравска Опера во Острава, како и Фестивалите во Салцбург, Мишколц и Халвил, пеејќи ги главните тенорски роли во оперите Дон Џовани, Така прават сите жени, Волшебната флејта, Грабнување од Сарајот, Сонот на Скипион од Моцарт, Севилскиот Бербер, Италијанка во Алжир, Турчин во Италија од Росини, Дон Паскуале од Доницети, Сонамбула од Белини, Свртување на штрафот и Сонот на Летната Ноќ од Бритн, Вердиевите Отело и Фалстаф, Ромео и Јулија од Гуно, Славеј од Стравински и Аријадна на Наксос од Р. Штраус. Нацоски има снимено неколку ДВД, и тоа Сонот на Скипион за Дојче Грамофон и Аријадна на Наксос за ТДК и ЦД на Лучија од Ламермур за Динамик, Ромео и Јулија заедно со Андреа Бочели за ДЕККА, Зенобија во Палмира за Бонџовани и Те Деум од Флавио Колусо за МР Класикс. На 27ми јануари излезе и ДВД и Блу-Реј од претставата Турандот од Миланска Скала повторно за ДЕККА. Благој освен оперската музика ја негува и концертната дејност, изведувајќи со огромен успех музика на Шуберт, Шуман, Брамс, Малер, пред се‘ во дуо со Лука Чамаруги. Во 2008 е прогласен за „Амбасадор на македонската култура во Италија“, а во 2016 година доби и признание „Човек на годината“ од весникот Нова Македонија. Неодамна настапи во Паљачи и во светската премиера на операта На воденица во Трст, во Набуко во Палермо, во Бал под Маски во Тенерифе а истовремено одржа 4 рецитала со Лука Чамаруги во Мантова, Милано и Сиена.

Skip to content