Родена е 1978 година во Скопје. Дипломира во 2001 година на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на отсекот по оркестарско диригирање во класата на професорот Фимчо Муратовски. Пост-дипломските студии по симфониско и оперско диригирање, ги завршува на Државната музичка академија во Софија. По завршувањето на студиите почнува да работи како хор-мајстор во Македонската опера и балет. Набрзо почнува да напредува и да асистира во подготовките на сите нови премиери на сцената на МОБ. По неколку години работа како хор-мајстор и асистент диригент, ја добива својата прва премиера “Таен брак” од Доменико Чимароза, со која се отвори Скопското лето во 2005 година. Како резултат на работата на оваа опера, добива стипендија од фондацијата CEE Eastern Musiktheater, со што и се овозможува посета на семинари и настап со оперскиот оркестар од Темишвар, Романија. Потоа се редат голем број на претстави од репертоарот на МОБ. Се докажува како оперски и балетски диригент и денес го диригира скоро целокупниот репертоар на сцената на МОБ. На сцената на МНТ како диригент го поставува првиот лиценциран мјузикл во Македонија “Чикаго”. Добитник е на наградата “Георги Божиков” за 2015 година за континуирана изведба на дела од македонски композитори.

Skip to content