Барнабаш Келемен

Виолинистот Барнабаш Келемен ги освои најпознатите концертни сцени во светот со својата виртуозна техника и динамика, како и со страсниот изведувачки стил. Различен и со отворен ум, тој важи за исклучителен солист и камерен музичар, како и уметнички директор на фестивали и професор на водечки музички институции. Во последните неколку години, Келемен работи и како диригент. Поседува филигранско чувство за креирање стил и поседува неверојатна техничка подготвеност која му дава сигурност да изведува комплексни дела од виолинската литература. Неговиот репертоар е диверзитетен, изведува дела од раниот барок, класиката, дела од романтизмот, како и современа музика. Посветен промотор е на современата музика и зад себе има многу светски и унгарски премиери на дела од Куртаг, Лигети, Шнитке, Губадулина, Рајх... Настапува на сцените на Карнеги Хол, Концертгебау, Ројал фестивал хол, како и на сцената на Берлинската филхармонија. Често настапува во оркестарот на „Би-би-си“, Фестивалскиот оркестар на Будимпешта, Унгарскиот национален филхармониски оркестар, Естонискиот национален симфониски оркестар, Лондонскиот симфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Хелсинки, Филхармонијата на Хонг Конг... Настапувал со водечки диригенти како Лорин Мазел, Сер Невил Маринер, Владимир Јуровски, Марек Јановски, Мајкл Стерн, Иван Фишер и други. Добитник е на значајни награди и признанија, а досега има снимено 20 албуми за престижни продукциски компании, од кои 17 се соло, а три со неговиот квартет. Добитник е на први награди на интернационалниот натпревар за виолина „Моцарт“ во Салцбург, на интернационалниот натпревар за виолина во Индијанаполис... Во моментов работи како професор на музичката академија „Лист“ во Будимпешта и на универзитетот во Келн. Барнабаш Келемен свири на виолина „Џузепе Гварнери“ од 1742 година, која му е дадена на користење од државата (Унгарија).

Skip to content