Афродити Патулиду

Сопранот Афродити Патулиду, родена во Солун, Грција, се смета за една од најинтересните пејачки ѕвезди во подем. Таа е и текстописец и фотограф, но негува и огромна страст кон сликарството и поезијата. Настапува во театри како Државната опера во Берлин, Кралскиот театар во Мадрид, Грчката национална опера, во концертни сали како Берлинската филхармонија или „Концертгебау“ во Амстердам. Нејзините улоги на Ана Трулова во „Животот на развратникот“ од Игор Стравински, Ел во „Човечкиот глас“ на Франсис Пуланк,Сузана во „Свадбата на Фигаро“ од Моцарт, Белинда во „Дидо и Енеј“ од Хенри Персл, Софи Шол во „Бела роза“ од Удо Цимерман, се мошне позитивно оценети од меѓународната критика. Соработувала со врвни диригенти како Барбара Ханиган, Кирил Петренко, Мануел Наври, Тито Чекерини... Патулиду беше една од првите уметници којашто зема учество во „Еквилибриум“ – Иницијативата за млади уметници на Барбара Ханиган. Таа гостува и во познатата компанија на германската кореографка и танчарка Саша Валц, а беше и главен вокал во хеви метал бендот „Игоррр“. Како композиторка, пишува во различни музички манири и жанрови. Живее во Берлин, а студирала на Универзитетот „Македонија“ во Солун, потоа на Кралскиот фламански конзерваториум во Брисел, како и на Универзитетот за уметности во Берлин. Исто така, учела и народно пеење, а свири пијано, гитара и никелхарфа. Добитничка е на повеќе значајни стипендии.

Skip to content