Ана Гацева

Уметничката појава на пијанистката Ана Гацева зазема исклучително важно место во современата македонска музичка култура. Креативна и енергична, на концертниот подиум се претставува како врвен уметник со индивидуален израз во пијанистичката интерпретација. Нејзината биографија опфаќа школување и усовршување на престижни европски академии. На ФМУ – Скопје, „Ecole Normale Superieure de Paris Alfred Cortot“ и Тринити Колеџот во Лондон ги завршува редовните, магистерските и докторските студии со највисокото признание cum laude, со специјалност пијано-концертист, камерна музика и интерпретација на пијано. Стела Слејанска, Моник Дешосе, Рамзи Јаса, Шантал де Буши, Акилес дел Вињ, Сајмон Јанг, се само дел од реномираните педагози - пијанисти со кои ја гради својата едукација. Професионално работи како редовен професор по пијано на ФМУ Скопје, во сите нивоа академско образование, член е во жирија на меѓународни натпревари и одржува мастер-класи на Музичката Академија во Ерусалем, Израел. Автор е на солистичко ЦД и на книгата „Пијанистички техники во концерти на композитори-изведувачи од светската музичка сцена“. Покрај тоа, Ана Гацева има мошне богата концертна кариера: солистички рецитали, гостувања со оркестри и настапи во повеќе камерни формации. По покана на угледни сали и институции, концертира во цела Европа и САД - Франција, Германија, Италија, Америка, Швајцарија, Австрија, Холандија, Романија, Израел, Белорусија, Украина, Бугарија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Словенија, Хрватска итн. Солист е со оркестарот на Македонската Филхармонија, Младинскиот Интернационален Камерен Оркестар, Оркестарот за современа музика „Света Софија“, Рускиот Академски Камерен Оркестар, Битолскиот камерен оркестар. Има остварено учества на меѓународните фестивали: „Охридско лето“, „Les concerts de Midi & Demi“, „Noordenbergconcert“, „Kamermuziek “DE HOOP“, „Киевски музички фестивал“, „Meridian Festival Bucharest“, „Museum De Buiten Plaats“,“L’Artpour l’Aar“, „Concerti del Tempietto“, „Минска пролет“, „Загребски летен фестивал“, „Пирански музички вечери“, „Фестивал Барски љетопис“, „Фестивал Еспресиво- Цетиње“, „Фестивал Нимус“, „Фестивал Ледамус“, „Денови на македонска музика“, „Штипско лето“, „Макарски летен фестивал“, „Летен фестивал во Омиш“, „Љубљански композиторски форум“, „Хварски летни приредби“ итн. Концертниот репертоар на Гацева обединува широк спектар дела од пијанистичката литература од повеќе епохи со нагласено студиозен пристап кон стилистиката и жанровскиот концепт. Нејзината интерпретација отсликува култивиран музикалитет, цврста пијанистичка техника и префинета динамика. Но над сé, во изведбата доловува суптилно обликување тонски бои и нијанси на пијанистичкиот звук. Во потрага по нови изразни форми вклучува и дела од македонски композитори. Добитник е на наградата „Георги Божиков“. Изразито харизматична, со длабок уметнички артизам и пијанистичко мајсторство, на настапите Ана Гацева остварува присен контакт со публиката, сигурна е и уверлива, а бројните пофални рецензии со акламација го потврдуваат тоа. „...Виртуозност, чист и јасен јазик во толкувањето на Бетовеновата „Апасионата“...со особено пијанистичко мајсторство и сигурен израз ни овозможи да ги забележиме фантастичноста и имагинарниот свет на Шумановите пиеси, успешно градејќи динамички градации, извонредно обединувајќи ги трите пиеси во една целина... Листовото читање на Данте го раскажа оставајќи длабок печат кај многубројната публика...Во Прокофјевата соната таа покажа префинет музички артизам...“(Македонско радио, 2000) „... Силен, енергичен тон и многу добра ритмика во Брамсовата соната...извонредно богатство на тонот, моќности на бои и нијанси...фантастично доловени бои...“(Радио Загреб, 2003) „...Низ Моцартовата филигранска платформа Гацева даде реална слика за своите развиени уметнички потенцијали на чекори по патот на денес веќе познати големи пијанисти...“(Македонско радио, 2004) „...Толку моќно, толку прекрасно! Од екстремно експресивно, до најспокојно...таа ни го одзема здивот! носејќи ги изведбите ...со многу страст, сила и виртуозност. Не погали и со врвната, мајсторска интерпретација на Шуман, Дебиси, Равел и заврши со моќната изведба на Гинастера. Можеме само да посакаме повторно да ја чуеме нејзината изведба...“(De Hoop, 2017) „Пијанистката доби голем аплауз! Во изведбата, темпото и динамиката соодветно се менуваа и таа исклучително експресивно ги интерпретираше драмата и романтиката...“ (Kolner Stadt-Anzeiger, 2022)

Skip to content